Вархеји очекува во државата да бидат формирани новиот парламент и влада врз основа на резултатите од изборите на 2 октомври

Европската комисија со препорака, по ист модел како и во случајот со Украина

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји во интервју за „Независне новине“ од Бања Лука, објавено вчера, меѓу другото ја елаборира препораката на Европската комисија на Босна и Херцеговина да ѝ се одобри статус кандидат за членство во Европската Унија, по ист модел како и во случајот со Украина.
– Оваа одлука е резултат на новата геостратегиска ситуација на европскиот континент – изјави Вархеји, кој зборуваше и за сомнежите околу тоа дали доделувањето кандидатски статус на Босна и Херцеговина и понатаму е поврзано со одредени услови што допрва треба да се исполнат.
Сепак, според него, не станува збор за условен статус.
– Се работи за веќе применета формула кога станува збор за Украина, што значи дека ние од наша страна му предлагаме на Советот на ЕУ да ѝ даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина, а потоа да разгледа дали се спроведени реформите, бидејќи ние веруваме дека сите заедно се наоѓаме на една геополитичка крстосница. Европа сега мора да даде понуда за Босна и Херцеговина за земјата да ја забрза својата внатрешна работа на европскиот пат – појасни Вархеји.
Препораката на Босна и Херцеговина да ѝ се додели кандидатски статус, Советот на ЕУ треба да ја разгледа и одобри во декември. Кога го образложуваше предлогот завчера во Брисел, Вархеји истакна оти очекува во државата дотогаш да бидат формирани новиот парламент и влада врз основа на резултатите од изборите на 2 октомври. Па, тие до седницата на Советот „ќе имаат на маса“ најмалку два закона, чие усвојување претходно е поставено како пакет „мини-услови“ за одобрување кандидатски статус.
Од вкупно три закони од пакетот, парламентот на Босна и Херцеговина претходно годинава го усвои само законот за јавни набавки. Не се усвоени законите за спречување судир на интереси и за Високиот судски и обвинителски совет, на што од ЕУ инсистираа одлучно. Законите за јавни набавки и судир на интереси се оценети како клучни за спречување корупција во јавниот сектор.
Некои од медиумите пишуваат дека од новата интерпретација на Вархеји може да се заклучи оти до декември ниту тие два закона не мора да бидат нужно усвоени.
– Сакаме Босна и Херцеговина да добие нов почеток, затоа што ни е потребен нов почеток. Изборите во Босна и Херцеговина се одржаа и се надевам дека ќе им дадат замав на политичарите во земјата, институциите да ги формираат брзо и што поскоро да почнат со спроведување на реформите што ги предложивме. Доколку се случи тоа, многу работи може да се променат доста брзо – подвлече Вархеји.
Тој смета оти на сите им е јасно кои се критичните реформи што треба да се спроведат. Вархеји посебно ги наведе судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, управувањето со илегалната миграција, како и изборните реформи.


Почна ново пребројување на гласачките ливчиња

Во Сараево вчера започна пребројувањето на гласачките ливчиња за претседател на Република Српска, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ. Најпрво почнаа службеното отворање на ќесите и контролното пребројување на гласачките ливчиња на сите редовни избирачки места во Република Српска (РС) за ниво на претседател и потпретседатели на РС. Наредбата за пребројување на гласовите за ова ниво беше донесена деновиве, поради, како што се наведува, нерегуларности на изборите за претседател на РС. Опозициските партии од РС – СДС, ПДП и Листа за правда и ред – поднесоа барање до ЦИК на БиХ за пребројување на гласовите за претседател на РС, во кое се наведува дека нивната кандидатка Јелена Тривиќ била оштетена на изборите на 2 октомври.