Како Америка гледа на Србија во контекст на регионалната геостратегиска политика
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека неговата земја се согласила со нов договор за снабдување со гас на три години со рускиот државен снабдувач „Газпром“ и така му зададе нова главоболка на западниот антипутинов сојуз, особено на Европската Унија, коментира Си-ен-ен. Иако Србија не е членка на ЕУ, таа е дел од планот за проширување на ЕУ, кој вклучува некои нејзини соседи. ЕУ има намера да се прошири на исток и го гледа Западен Балкан како клуч за европската безбедност, што е уште повеќе потенцирано во светлината на руската инвазија на Украина.
Од овие балкански држави, Србија особено се смета за клучна поради голем број причини. Нејзината големина, населението и географската локација ја прават главен чинител на геополитиката во регионот. Сепак, Србија исто така многу се потпира на Русија кога станува збор за гасот. Таа исто така воено соработува со Москва. Накратко, Србија има огромни придобивки од своите врски со Русија, па дури и ако стане членка на ЕУ во блиска иднина, нема да сака да ги запали своите мостови со Кремљ.
Иако Србија поддржа неколку резолуции на ООН со кои ја осуди руската инвазија, сепак не ја санкционира Москва, ниту се усогласи со Брисел во однос на санкциите против Москва. А ова е нешто што се очекува да го направи кандидатот за членство. Новиот руски договор за гас, од кој некои официјални претставници и аналитичари од ЕУ се плашат, може да биде чекор премногу далеку за некои земји-членки на ЕУ.
– Ако се склучи, договорот ќе им ги уништи надежите на оние што забележаа можност да го намалат руското влијание во регионот – рече Филип Ејдус, вонреден професор по меѓународна безбедност на Универзитетот во Белград.
Од друга страна, хаосот и неизвесноста создаваат можности и за луѓето на позиции како Вучиќ. Корисен е и за Брисел и за Москва и очигледно чувствува дека може да продолжи да игра за обете страни.
ЕУ се соочи со многу тешкотии откако започна украинската криза, а задржувањето на сите 27 нејзини членки на иста страна не беше лесна задача. Но фактот дека српскиот договор за гас се случи во истата недела кога лидерите на ЕУ се состанаа за да се договорат за забраната за руска енергија нагласува во која мера некои работи едноставно се надвор од централизираните раце на Брисел.
Како што одминува времето, тоа би можело да стане многу незгодно прашање за иднината на европскиот проект, посочува Си-ен-ен.