Сумирањето на резултатите од туристичката сезона во Хрватска откри неверојатен напредок и очигледно закрепнување од областа на оваа форма на националното стопанство. Иако извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНЦТАД) откри дека Хрватска била една од трите најтешко погодени земји од падот на туризмот за време на пандемијата, оваа година Хрватска како да направи квантен скок во областа на туризмот и приливите во буџетот по таа основа
Иако беше најтешко погодена од мерките во пандемијата, Хрватска полека но сигурно закрепнува
Со средновековни стари градови, прекрасни природни паркови и повеќе од илјада острови, не е изненадување што Хрватска е популарна туристичка дестинација, се вели во воведот на една од најчитаните репортажи на „Дојче веле“ за Хрватска. Пред пандемијата, во одредени делови од земјата дури постоеше загриженост поради прекумерниот број туристи што им создаваа слатки маки на локалните власти, а особено во Дубровник, каде што беа снимени делови од популарната телевизиска серија „Игра на тронови“. По затишјето на бројот на посетители за време на пандемијата на ковид-19, туристите летово се вратија во Хрватска во огромен број.
Рекорден број туристи
Во 2019 година, Хрватска пречека рекордни 17,4 милиони туристи, а турите за посета на островите меѓу далматинските крајбрежни градови Сплит и Дубровник се покажаа особено популарни. Иако вкупниот број на посетители веројатно ќе биде помал оваа година поради бавниот почеток, бидејќи за многу земји сè уште важеше забраната за патување или беа предмет на ограничувања за патување, сепак во септември беше забележан голем пресврт. Бројот на посетители го надмина оној од септември 2019 година, кој беше рекорд пред пандемијата во Хрватска.
Хрватска е меѓу најпопуларните дестинации во Централна и во Источна Европа, а нејзината економија се потпира повеќе на туризмот од која било друга земја од Европската Унија (ЕУ). Според извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНЦТАД), Хрватска била една од трите најтешко погодени земји од падот на туризмот за време на пандемијата.
И дубровчани задоволни од туристичката сезона
Сопствениците на локалните бизниси и сместувачки капацитети се задоволни од приходите што ги остварија во летната туристичка сезона. Сопственичката на гостинска куќа Нада Бриговиќ-Лендиќ, која има стан во центарот на стариот град, наведе дека градот имал „многу добра сезона, освен април и мај, кои биле мирни“. Домаќините велат дека иако имало пад на посетителите од Азија, бидејќи во одредени делови сè уште важат ограничувања за патување, сепак бил забележан пораст на бројот на европските гости.
Повеќето луѓе во Дубровник се среќни што повторно го гледаат градот преполн со туристи. Пред пандемијата се јави загриженост за одржливоста поради големиот број посетители во релативно малиот град, особено кога повеќе бродови за крстосување носеа илјадници туристи. Во 2019 година беше формирана иницијативата за одржлив туризам „Почитувај го градот“, со цел да ги потсети посетителите да се однесуваат со почит. Иницијативата, сепак, се чини дека е тивко повлечена бидејќи земјата се фокусира на надоместување на заработката изгубена во пандемијата.
За да помогне во закрепнувањето по пандемијата, хрватското министерство за туризам и спорт создаде фонд од 290 милиони евра (2,2 милијарди куни) за бизниси како дел од стратегијата за промовирање одржлив туризам. Дел од средствата се наменети за поддршка на релативно неразвиениот внатрешен дел од земјата.
Постепено враќање на крстосувањата
Иако крстосувањата доживеаја бум во 2019 година, со тогашен пораст од 10 отсто, според Хрватскиот завод за статистика, сепак тие не закрепнаа толку брзо како другите форми на патување, веројатно поради зголемените хигиенски стравови што се резултат на пандемијата. Проблем е и недостигот од искусен кадар.
Ивана Дуроковиќ, директорка на крстосувањата, која главно раководи со турите во околината меѓу Сплит и Дубровник, каде што бродовите обично застануваат на популарните острови како Корчула, Хвар и Вис, вели дека „не сите компании за крстосувања во Хрватска работат со полн капацитет, многу од нив се со само 60 или 70 отсто“. Дуроковиќ исто така истакна дека многу туристички агенции банкротирале, а многу нејзини колеги почнале да бараат други работни места, бидејќи не се сигурни дека никогаш нема да се повторат случувањата од изминатите две години. Таа вели дека ваквиот тренд се должи на состојбата со семејните буџети. Дуроковиќ порача дека треба да се преземат дополнителни мерки, затоа што има недостиг од работници генерално во туризмот и услужната индустрија во Хрватска.
Од Сплит за „Нова Македонија“ Ангел Митревски