Руската специјална воена операција над Украина со право дигна светска тревога. Сепак, се работи за силен, дури со потенцијал за катаклизмичен удар на линијата на „триењето на геостратегиските тектонски плочи“! И Западен Балкан се наоѓа токму на „линијата на огнот“. Тука отсекогаш биле присутни искрења и жар на етнички и политички тензии поддржувани од силните влијанија, од една страна со Западот, односно САД и Европа, а од друга страна со Русија и Истокот. И овој пат тоа е случај, во врска со украинскиот конфликт, иако овој пат во земјите на Балканот има повеќе поддршка за западната отколку за источната агенда
Рефлексии во балканските држави од украинскиот конфликт
Руската специјална воена операција над Украина со право дигна светска тревога. Сепак, се работи за силен, дури со потенцијал за катаклизмичен удар на линијата на „триењето на геостратегиските тектонски плочи“! И Западен Балкан се наоѓа токму на „линијата на огнот“. Тука отсекогаш биле присутни искрења и жар на етнички и политички тензии поддржувани од силните влијанија, од една страна со Западот, односно САД и Европа, а од друга страна со Русија и Истокот. И овој пат тоа е случај, во врска со украинскиот конфликт, иако овој пат во земјите на Балканот има повеќе поддршка за западната отколку за источната агенда.
БиХ: реален потенцијал да се прошири нестабилноста
Во Босна и Херцеговина ситуацијата е како и секогаш измешана со искажаните ставови, чувства, емоции… Таму е вистински „босански котел“!
Затоа, силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) речиси ќе го удвојат својот воен персонал во земјата поради ризикот од нестабилност по руската операција во Украина. Речиси 500 нови лица ќе бидат распоредени во БиХ во следните две недели од Австрија, Бугарија, Романија и од Словачка. Тие ќе им се придружат на сегашните 600 припадници на ЕУФОР стационирани во БиХ од 2014 година.
Австриската војска ќе испрати дополнителни 120 војници во мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина, како засилување поради судирот во Украина. Според извори од армијата на кои се повикуваат австриски медиуми, одлуката е донесена поради стравување дека моменталната ситуација во Украина би можела да има последици и врз регионот на Западен Балкан и зачувувањето на безбедноста и стабилноста.
„Влошувањето на безбедносната ситуација на меѓународно ниво има потенцијал да шири нестабилност во Босна и Херцеговина […] Нивната мисија ќе биде да ја покажат решеноста на ЕУ да ја одржи стабилноста во Босна и Херцеговина. Тоа е претпазлива и пропорционална мерка, која ја одразува недвосмислената посветеност на ЕУ и на ЕУФОР за територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, соопшти ЕУФОР.
Бошњаците се на страната на Украина, што произлегува од постапките на руските амбасадори во Сараево, кои силно ги поддржуваат Србите во БиХ. А српските политички сили остануваат тивки, чекајќи насоки од Белград, кој досега главно молчи.
Хрватска: поддршка за украинската страна
Владата во Загреб, очекувано, ја поддржува украинската страна. Хрватска не ја сака Русија, меѓу другото и поради блискоста на Москва и на Белград. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој патем споменато неодамна ја навреди Украина, остро ја осуди руската агресија. Но за споменување е дека од десниот дел од хрватскиот политички спектар, некои групи го пофалија Путин дека е „тврд човек“.
Во четвртокот, еден од поранешните про Орбан и про Путин членови на хрватскиот Сабор, иницира резолуција за поддршка на Украина.
Црна Гора: среде политичка криза, ситуацијата во Украина додава „масло на огнот“
Претседателот Мило Ѓукановиќ, како и Министерството за надворешни работи на Црна Гора решително ја осудија руската агресија. И техничкиот премиер Здравко Кривокапиќ ја повика Русија да се врати на дипломатијата, а тој беше избран на листата на просрпската партија Демократски фронт (ДФ).
Црна Гора, сепак, е среде политичка криза, а ситуацијата е далеку од стабилна. Точно дека официјалните власти во Црна Гора се про ЕУ на многу начини, сепак некои лидери и тактизираат од многу причини.
Историски гледано, врските меѓу Русија и Црна Гора беа силни, а дури познат е малку комичниот историски факт дека „во 1905 година, Подгорица му објави војна на Токио за време на војната во Русија и Јапонија“. За време на распадот на поранешна Југославија беше откриено дека Подгорица никогаш не склучила мировен договор со Јапонија. Обидите на Русија да се меша во внатрешните црногорски прашања и да го блокира нејзиниот пристап во НАТО беа донекаде залудни и половина од населението сега е против Русија, а половина – за.
Албанија: загриженост и дезинформации
По инвазијата, водачите од секоја страна на политичкиот спектар, вклучувајќи го и претседателот на Албанија, ја осудија Русија и ветија солидарност со Украина, НАТО и со Европа. Албанија не поддржува ниту една проруска политичка групација.
Засега, главниот страв е дека како сојузник на САД, ЕУ и на НАТО во стратегиска позиција, веќе фатена на нишанот на Москва, Албанија би можела да биде вовлечена во регионален или меѓународен конфликт во кој не може да си дозволи да биде дел.
Во четвртокот вечерта, албански и странски жители се собраа пред руската амбасада во Тирана на мирен протест против руската инвазија. Албанија е членка на НАТО од 2009 година, неодамна ги објави плановите за изградба на воздушна база на НАТО на југ и дека северниот аеродром во Кукс е „сертификуван од НАТО“.
Пред оваа недела, имаше мала загриженост дека Албанија може да биде вовлечена во неред. Но обвинувањата од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го сменија тоа кога тој ја обвини Албанија, заедно со Босна и Херцеговина и Косово, дека испраќа платеници да се борат во Украина.
Владата брзо ги отфрли тврдењата, а локалните аналитичари ги отфрлија тврдењата дека Албанците би можеле да бидат „продадени“. Дополнително, се појави загриженост дека Русија се чини дека ги насочува своите дезинформации против единствените земји со мнозинско муслиманско население во регионот, што доведе до страв од тоа долготрајните етнички тензии повторно да бидат поттикнати и експлоатирани.
Албанија сѐ уште има односи на дистанца со Русија по прекинот на односите за време на режимот на Енвер Хоџа, а денес руската амбасада во Тирана ги ограничува своите активности на образование и културни размени.
Косово: санкции кон русија
Косовската влада вчера воведе санкции кон Русија, поради нејзината агресија врз Украина. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека, со одлука за санкции кон Москва, Косово им се приклучува на своите партнери, како што се Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Курти рече дека реакцијата на Косово на руската окупација во Украина треба да се гледа и како порака за политичката и дипломатската ориентација на неговата држава.
Министерката за надворешни работи Доника Грвала рече дека косовските санкции ги опфаќаат истите мерки што ги усвоија Советот на ЕУ и САД.
– Санкциите опфаќаат замрзнување на банкарските средства и на финансиските емисии, забрана за пристап до финансиските пазари и други соодветни мери, кои се однесуваат на значајни руски фирми, на елитите и политичките актери што се инволвирани во донесувањето на одлуката за руската агресија врз Украина. Индивидуите исто така подлегнуваат на забрана на патување или транзитирање во земјите што ги спроведуваат овие санкции – информира Грвала.
Како и Албанија, Косово е цврсто про ЕУ, про САД и му должи многу на НАТО.
Единственото вистинско проруско чувство доаѓа од етничките српски и просрпски партии, кои де факто го поддржуваат режимот во Москва. Тие имаат мала моќ и нема да влијаат на политичките или безбедносните одлуки во земјата.
А во Косово, очигледно е дека тензиите се малку повисоки поради инвазијата над Украина. Во Косово сега постои загриженост дека војната во Украина би можела да ја поттикне Србија да влезе во северните области на земјата, претежно населени со етнички Срби. Но сега има една многу интересна позиција во меѓународен контекст, која оди во прилог на Косово. Имено, Србија откако долго сметаше на поддршката на Русија во регионот и за косовското прашање, сега во оваа констелација, се наоѓа во многу потешка позиција, бидејќи она што Русија го направи во Украина, му дава моќ на Косово да продолжи да бара негово признавање. Во исто време, Србија повеќе не може да смета на Русија дека ќе го поддржи нејзиното негирање на суверенитетот на Косово. Ако Москва воопшто би се обидела да го поддржи Белград во оваа ситуација, тие би биле предмет на огромен потсмев и нема да имаат дипломатска нога на која би можеле да застанат.
Проблемот останува, меѓутоа, тврдењата дека Косово испратило платеници во Украина може да послужат како изговор за воена акција од Србија или од Русија, во најлошото сценарио.
Македонија: подготвена да прими украински бегалци
Македонија, како најнова членка на НАТО и земја-кандидат за ЕУ, официјално се декларира дека е на страната на Украина. Владата беше мошне јасна и брзо ги осуди дејствата на Русија. Исто така, мошне храбро беше ставено до знаење и дека доколку НАТО одлучи, ќе се вклучи на своевиден начин во воениот конфликт.
И Министерството за одбрана (МО) соопшти дека се размислува за учество во евентуална мисија на НАТО. Понатаму, претседателот Стево Пендаровски во четвртокот остро ја осуди руската инвазија.
– Инвазијата на Украина од Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозно кршење на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа – рече претседателот Пендаровски.
Владата веќе објави дека е подготвена да прими украински бегалци доколку е потребно. Оваа објава беше објавена неколку дена пред почетокот на руската воена операција.
Србија: засега се тактизира, нема официјални изјави
Србија засега тактизира и нема изразено официјален став. Во четвртокот се состана Советот за безбедност, на кој беше разгледана актуелната состојба во светло на најновите настани во Украина. По состанокот на Советот за безбедност, наместо вообичаеното соопштение за јавноста, беше кажано дека претседателот Александар Вучиќ ќе се обрати до јавноста дополнително.
Подготвиле: Марјан Велевски, Билјана Здравковска