По воведувањето на еврото во Хрватска и „заминувањето на куната во историјата“
Полека минуваат првите денови од 2023 година и граѓаните на Хрватска ги сумираат впечатоците, пред сѐ во однос на воведувањето на еврото како официјална валута. За многумина нема дилема – тоа е голем чекор за мала земја со помалку од четири милиони жители да ѝ се приклучи на зоната на единствената валута. Впрочем и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ не ја криеше радоста поради таквиот чин, изјавувајќи дека усвојувањето на еврото „ја става Хрватска во најтесниот круг на европска интеграција“.
Полни раце работа за инспекциите
Но радоста поради усвојувањето на еврото сѐ уште не беше спласнала, а веќе се појавија голем број проблеми со кои се соочува просечниот хрватски граѓанин. Пред сѐ, тоа е проблемот со порастот на цените во малопродажбата. Иако Централната банка и Владата презедоа чекори за да го спречат тоа, воведувајќи обврска за задолжително прикажување на цените во двете валути уште од септември и следење на цените од страна на надлежните служби „за да се минимизира ризикот од неоправдано зголемување на цените“, сепак итроштината на трговците повторно дојде до израз. Па така, медиумите ги наведуваат зборовите на менаџер во еден од водечките трговски синџири во Загреб, кој сакал да остане анонимен, кој вели дека во последните три месеци имало вонредно покачување на цените, кое не било поврзано со инфлацијата, туку со еврото, за да може полесно да се пресметува конверзијата. Се разбира, тоа било на штета на потрошувачите.
Се чини дека тоа било само подготовка за она што се случува деновиве. Вчера Хрватскиот државен инспекторат соопшти дека утврдил 1.738 прекршувања на одредбите од Законот за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска и обврската за двојно објавување на цените, како и 51 случај на продажба на одредени прехранбени производи над максимално дозволената цена на големо утврдена со одлука на Владата. Од Хрватскиот државен инспекторат информираа дека извршиле 8.028 контроли со цел заштита на потрошувачите и работниците и правилно информирање на потрошувачите за цените на производите и услугите во куни и во евра.
– Од вкупниот број извршени инспекциски надзори, пазарната и туристичката инспекција на Државниот инспекторат извршила 6.943 инспекциски контроли. Туристичките и пазарните инспектори констатирале вкупно 1.738 прекршувања на одредбите од законот – посочуваат од Државниот инспекторат.
Одделно, Пазарната инспекција утврдила 51 случај на продажба на одредени прехранбени производи над максималната дозволена големопродажна цена утврдена со одлука на Владата.
Од Хрватскиот државен инспекторат потсетуваат дека одлуката за директни мерки за контрола на цените на одредени прехранбени производи стапи во сила на 10 септември 2022 година и со неа се утврдува највисокото ниво на малопродажни цени на одредени прехранбени производи, со цел да се спречат негативните ефекти од промените на одредени цени на територијата на Хрватска. Досега, како што наведуваат, се издадени вкупно 30 прекршочни пријави и се поднесени пет обвинителни предлози.
Словенечкото искуство е драгоцено за граѓаните на Хрватска
Во ситуација елаборирана погоре, очекувано, се јавува и граѓански отпор, односно се бараат начини да се смири спиралата на поскапувања и да се врати состојбата во нормала. Еден од најинтересните предлози, кој добива сѐ поголем број приврзаници на социјалните мрежи, е да се прибегне кон методологија што во многу земји што поминаа низ истиот процес многу пред Хрватска, а кој ефикасно го спречи ударот врз граѓаните, но и ги ограничи трговско-услужната алчност и хаосот.
Станува збор за т.н. столб на срамот: објавување на оние трговци на мало и ресторани што, без никаква пазарна основа, ги зголемуваат цените и ја користат транзицијата кон еврото за да ловат во матно. Ваквата практика не е изненадувачка во земја каде што многумина ја злоупотребија промената на општественото уредување за лични придобивки и колосални „шеми“, но многу е изненадувачки што државните институции и политичарите што номинално се залагаат за европски поредок и законитост и денес свесно толерираат такви процеси и интересите на тесен профитерски круг.
Наедно, Хрватите се потсетуваат како беше целосно избегнато влијанието врз паричникот на граѓаните во соседната и од многу аспекти примерна Словенија за време на поранешната евроизација. Така што од првиот ден во процесот на воведување на европската валута, заедно со Владата и државните институции, активно се вклучи и локалното здружение за заштита на потрошувачите.
Во декември 2005 година, тие започнаа јавна кампања наречена „Евроцентите не се менуваат“, со цел да ги запознаат словенечките потрошувачи колку е важно да се однесуваат одговорно со секоја сума во новата валута. Најголем придонес за спречување на зголемувањето на цените во Словенија имаа нивните проекти за годишен мониторинг на цените и јавните објави на црната листа на производи и трговци што неоправдано ги зголемуваат цените.
Самите потрошувачи им пријавиле вакви негативни примери на интернет-формулари, заедно со копии од нивните сметки, а активистите на здружението на потрошувачи ги објавиле на нивната веб-страница, која ги урнала рекордите на посетеност во тие денови. Малопродажните синџири во земјата набрзо по секоја цена се обидоа да избегнат каков било доказ за нивниот срам, па со турбобрзина ги намалија цените на производите во евра до претходно реалните рамки.
Словенците навреме сфатија дека да ги остават банкарите и државните службеници сами да ги надгледуваат трговците и цените е исто како лисицата сама да го надгледува кокошарникот. Она што е најважно е дека тоа беше независна асоцијација, а не словенечката централна банка или Министерството за економија, која ја заврши целосната работа за заштита на правата на потрошувачите во 2006 и 2007 година во регионот. Нивното воведување во процесот на евроизација на Словенија беше револуционерен чин во корист на граѓаните, но и на самата држава и економијата: поради отсуството на големи поскапувања во јануари и февруари 2007 година, Словенија дури забележа и дефлација. На крајот, Здружението на потрошувачи на Словенија доби посебно признание од Европската комисија за ефикасен ангажман при воведувањето на еврото.
Во очекување нови поконкретни чекори во тој правец, хрватските граѓани засега можат да ја користат апликацијата наречена „еуроХР“, наменета за олеснување на размената, која брзо ги претвора двете валути, а ја постави хрватската Централната банка. Од Централната банка објавија дека сите банкомати се подготвени да обезбедат банкноти евра и тие се активни веќе од 1 јануари. Банката, исто така, започна информативна кампања и воспостави бесплатен инфотелефон достапен седум дена во неделата.
Генерално, и покрај сегашните грижи, повеќето Хрвати го гледаат еврото како добра работа. Тие се среќни што државата влегла во еврозоната, бидејќи тоа ја прави поинтегрирана во Европската Унија и, ако ништо друго, не треба да се оди во менувачници кога се патува во Словенија или во Австрија.
Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска