И покрај тоа што авиопревозникот „Визер“ значително ги намали операциите и приземји 20 отсто од својата флота, скопскиот аеродром има други перспективни развојни планови и проекции и воопшто не помислува да се откаже од тоа, при што предвидува да опслужи над три милиони патници оваа година

Неволји за „Визер“, но скопскиот аеродром не се откажува од амбициозните планови

Во 2023 година, преку скопскиот аеродром поминаа рекордни 2.883.474 патници. Во јануари оваа година, скопскиот аеродром забележа пораст од 50,5 отсто, во споредба со истиот период минатата година, а нешто слично се очекува за месец февруари, меѓутоа информацијата сѐ уште не е јавно достапна. Но дали проблемите на „Визер“ ќе имаат импакт и на македонскиот авиосообраќај?

Во 2024 година, од 31 март до 26 октомври, на скопскиот аеродром ќе има 2.082.222 седишта на редовните линии

Тековните проблеми со кои се соочува „Визер“ се надвор од контролата на скопскиот аеродром. Имено, споменатата авиокомпанија беше принудена да приземји над четириесет авиони во својата флота за да изврши проверки на моторите во својата флота, произведени од „Прат енд витни“. Поради тоа, „Визер“ ги намали летните операции низ својата мрежа. Скопје не беше исклучок од операциите за редуцирање летови на „Визер“, иако аеродромот во нашиот главен град минатата година имаше учество од над 60 отсто патници на споменатата авиокомпанија.
За споредба, оваа летна сезона, (од 31 март до 26 октомври), на скопскиот аеродром ќе има 2.082.222 седишта на редовните линии. Ова е намалување за 6,5 отсто во однос на летото 2023 година и е директен резултат на тековните проблеми со моторите на „Визер“. И покрај тоа што авиокомпанијата ги намалува фреквенциите на голем број од своите услуги во Скопје, таа ќе продолжи со воспоставувањето на планираната нова линија меѓу македонскиот главен град и Салцбург на 1 април.

ТАВ Македонија“ во динамични преговори за да го амортизира импактот на „Визер“, дури и да ја надмине проектираната бројка патници

Според Владимир Граматиков, директор за маркетинг и развој на „ТАВ Македонија“ и приходи, тие интензивно разговараат за воспоставување нови дестинации. Квалитетно воспоставените односи со повеќе клиенти носат резултати, при што, на пример, во наредниот период ќе се пушти нова услуга кон Рига. Исто така, се работи на донесување нови туроператори и нови чартер-летови. Понатаму, директорот за маркетинг и развој на „ТАВ Македонија“, Владимир Граматиков, истакна дека напорно се работи на поврзување на Охрид со Турција. Тој изјави и дека целата туристичка индустрија во Македонија е вклучена во отворањето нови маршрути, вклучувајќи ги туроператорите, бизнис-секторот, но и локалните власти, па и дипломатско-конзуларните претставници на разни држави во земјава активно учествуваат во процесот на убедување на авиокомпаниите за лансирање нови услуги. Новина е и дека „Пегасус ерлајнс“ ќе започне со редовни летови од Анталија (Турција) до Скопје. E.Р.