Србија, единствената земја во Европа што одби да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина, се согласила да испрати оружје во Киев или веќе го испратила, покажуваат тајните документи на Пентагон, соопшти денеска „Ројтерс“, додека министерот за одбрана Милош Вучевиќ за „Спутник“ и „Танјуг“ негираше дека Србија ѝ продава оружје на Украина. Тој оцени дека овие наводи имаат за цел да ја дестабилизираат земјата и да ја вовлечат во конфликт во кој Србија не сака да учествува, јави дописникот на МИА од Белград.
– Ние ги негиравме тие невистини повеќе од десетпати, и еве, ќе повториме пак. Србија нема продадено, ниту ќе продаде оружје на украинската страна, ниту на руската страна, ниту на земјите од соседството на тој конфликт. Нечија цел е очигледно да ја вовлече Србија во тој конфликт, но ние доследно се држиме до нашата утврдена политика – изјави Вучевиќ.
Тој ова го изјави по пишувањето на британската агенција „Ројтерс“, која објави ваква информација, повикувајќи се на наводни тајни документи на Пентагон според кои Србија се обврзувала да испрати оружје во Украина, односно дека веќе го сторила тоа. Вучевиќ изјави дека Србија продава оружје на други земји, кои се далеку од руско-украинскиот конфликт.
– Секогаш постои можност некое оружје некако магично да се најде и на територијата на конфликтот, но тоа нема апсолутно никаква врска со Србија. Тоа е прашање за оние земји кои не ги почитуваат меѓународните норми, договорните клаузули и деловните практики. Повторувам, Србија не испратила оружје во Украина и се што е објавено на таа тема се невистинити шпекулации – рече Вучевиќ.
Документот, збир на одговори од европските влади на барањата на Украина за воена обука и оружје, е меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последните неколку недели, во она што може да биде најсериозно оддавање на американски тајни во последните неколку години, наведе „Ројтерс“.
Насловен „Европа/одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот ги наведува позициите на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.
Списокот покажува дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати оружје или веќе го испратила. Се наведува и дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да и обезбди оружје на Украина.
Документот е класифициран како доверлив и НОФОРН (не е за странски државјани), што забранува негово дистрибуирање до странски разузнавачки служби и војски. Датира од 2 март и го носи печатот на канцеларијата на американскиот Здружен штаб на началници. „Ројтерс“ не можеше независно да ја потврди автентичноста на документот.
Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ и Амбасадата на Украина не одговорија веднаш на прашањата на „Ројтерс“, ниту пак Пентагон, кој претходно одби да ги коментира објавените документи.
– Доколку документот е точен, тој или ја покажува дволичноста на Вучиќ кон Русија или тој е под огромен притисок од Вашингтон да испорача оружје на Украина – изјави Јануш Бугајски, источноевропски експерт во Фондацијата Џејмстаун.
Министерството за правда го истражува истекувањето, додека Пентагон ја проценува штетата за националната безбедност на САД.
Графиконот на Пентагон ги подели одговорите на барањата за помош на Украина во следните категории: земји кои се обврзаа да обезбедат вежби и оружје, земји кои веќе обезбедија вежби, оружје или и двете, земји со воена способност или политичка волја да „обезбедат идна помош во вооружувањето “.
Австрија и Малта се единствените две земји кои имаат ознака „не“ во сите категории.
На 3 март Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, изјави дека Москва е „длабоко загрижена“ поради извештаите што ги пренесуваат медиумите во Русија и Србија за извозот на оружје.
– Ја следиме оваа приказна. Добиените информации предизвикаа наша најдлабока загриженост. Ова е премногу сериозно прашање, вклучително и од гледна точка на руско-српските односи. За да се реагира сега, потребно е да се потпреме на факти – наведе таа во соопштението објавено на веб-страницата на министерството.
Тогаш медиумите објавија дека Србија тајно испорачала 3.500 ракети „Град Г-2000“, произведени од „Крушик“, производител на оружје од Ваљево, кој негираше дека испорачува проектили или друго оружје за Украина. Вучиќ ги нарече тврдењата „тешка лага“.
– Не сме испратиле никакво оружје или муниција во Русија или Украина – рече тој за време на неговата посета на Катар на 5 март.
Ројтерс не можеше независно да ја потврди автентичноста на документацијата за пратката објавена на Teлеграм. Ројтерс наведува дека Вучиќ уште од почетокот на војната „се обидувал да балансира меѓу неговите врски со Москва и неговата цел за влез во ЕУ“. Но, Србија е единствената од 44 европски земји која не воведе санкции кон Русија.