Црна Гора
Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ ги потврдил претходните ставови за спроведување на темелниот договор со кој државата Црна Гора треба да ги прецизира имотноправните односи со Српската православна црква. Регулирањето на односите со верските заедници во согласност со Уставот и законите на Црна Гора е меѓу приоритетите на премиерот Абазовиќ, кој е на чело на малцинската влада, која беше избрана на 28 април годинава.
Преговорите за донесување на темелниот договор траат повеќе од десет години. По смената на власта на Демократската парија на социјалистите, предводена од Мило Ѓукановиќ, се очекуваше да биде одмрзнат овој процес. Меѓутоа, владата предводена од претходниот премиер Здравко Кривокапиќ не успеа во своите намери.
Од почетокот на преговорите со СПЦ не е објавена официјално ниедна од верзиите на текстот за верските заедници, што во црногорската јавност остави сомнеж за прашањето за заштита на црногорските национални интереси.
– Не постои никаква драматизација за ова прашање. Тоа е обврска за државата, која треба да се заврши. Очекувам тоа да се случи на еден пристоен и убав начин, како и со другите верски заедници. Моја желба е оваа влада да му стави точка на ова и да продолжиме натаму – изјави премиерот Абазовиќ по средбата со српскиот патријарх Порфириј во манастирот „Острог“, на 12 мај годинава.
Патријархот Порфириј му се заблагодарил за присуството на премиерот, на денот кога се прославува празникот на Свети Василиј Острошки. Во соопштението до јавноста од патријархот се нагласува дека „црквата ја почитува државата, а минимум што се очекува е таа да го организира својот живот и никого да не загрозува, но и да ги ужива и правата и слободите пропишани со закон“.
Премиерот Абазовиќ на средбата со црковниот поглавар се заложил за човековата рамноправност и да се изгради општество во кои различните луѓе ќе живеат слободно едни со други, со сите специфичности и разлики.
Ние нема да правиме никакви рестрикции и со својот пример ќе придонесеме завидното ниво на толеранција кое постои во Црна Гора и во регионот да се развива во правилна насока – изјавил премиерот на Црна Гора.