Адвокатите го актуализираат проблемот што го загрижува Белград
Судските експерти и правници предупредуваат на опасноста дека овие информации може да бидат злоупотребени за нови кампањи против Србија и нејзините граѓани, особено за оние од пониските нивоа на државната управа, за кои може да се отворат процеси од трети држави
Илјадници страници документација што Србија ги испрати до Обвинителството на Меѓународниот суд за кривични санкции во Хаг не се вратени во белградските архиви, иако сите процеси веќе за затворени и останува уште еден случај. Во овие документи се и записниците од воените и политичките состаноци, како и многу наредби и мноштво досиеја за лица, кои може да бидат неовластено користени од службите на други земји. Судските експерти и правници во Белград предупредуваат на опасноста дека овие информации може да бидат злоупотребени за нови кампањи против Србија и нејзините граѓани, особено оние од пониските нивоа на државната управа, за кои може да се отворат процеси од трети држави.
Адвокатот Зоран Живановиќ, кој застапуваше повеќе осомничени лица пред Меѓународниот суд, го актуализира проблемот за тоа што ќе се прави со оваа документација.
– Овие документи беа под посебен режим, само еден потесен круг луѓе можеа да ги видат. Во нив има информации за состаноците на воено-политичките тела, за издадени наредби и слично. Според мои информации, за оваа документација биле заинтересирани некои од нашите соседни земји – вели Живановиќ.
Адвокатот Тома Фила, кој беше правен застапник и во процесите пред Меѓународниот суд во Хаг, предупредува дека многу документи протекувале за време на претходните власти, а се сомнева дека за некои од нив ги нема и оригиналните записи, а во српските архиви има само копии.
– Сите даваа некои документи за кои мислеле дека ќе ги спасат, а никој не успеа во тоа. Сега таа документација треба да ни се врати. Но другите земји не постапуваа како во Србија. Хрватските власти не сакаа да ги достават т.н. топнички дневници, за тоа што вистински се случувало во Книн – вели Фила.
За овој проблем се расправало и на седница на Советот за безбедност во Обединетите нации, на која министерката за правда на Србија, Маја Поповиќ, потсети дека не постои ниедна причина да се одолжува со враќањето на оригиналните документи во Србија.