Фото: Принтскрин

Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово (КМДЛЊ) оцени дека инцидентот што се случи на последната седница на Собранието на Косово можеше да се избегне доколку се менаџираше подобро состојбата и се почитуваше собранискиот деловник од страна на претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение по повод тепачката што се случи меѓу опозициски пратеници и министри и пратеници на владејачката партија, Движење самоопределување (ВВ), КМДЛЊ нагласува дека Собранието е дом на пратениците, додека сите други – премиерот, претседателката, министрите, замениците министри – се сметаат за гости и тие треба да ги почитуваат правилата определени од Собранието и да се однесуваат како гости.

КМДЛЊ го осуди однесувањето на вицепремиерот Бесник Бислими, кој скина слика што ја поставија опозициски пратеници на говорницата, а потоа фрли со шише кон пратеник, кој го испрска со вода премиерот Албин Курти додека овој се обраќаше пред Собранието.

Според КМДЛЊ, Коњуфца требаше да го исфрли Бислими од седницата, затоа што како гостин не ги испочитувал правилата на законодавниот дом и е директно виновен за инцидентот.

– На Бесник Бислими…, како и на ниеден министер, не му следува и нема право да презема никакво дејствие кое е спротивно на деловникот и нивниот статус како гости. Тие треба да си ја завршат работата поради која се поканети од пратениците, или ако побарале врз основа на правото што им следува, а потоа да се вратат во нивниот дом, во Владата на Косово. Бесник Бислими немаше никакво право да ја искине фотографијата што ја постави опозицијата, без оглед на нејзината содржина. Тоа право го имаат пратениците од позицијата, како и секој друг пратеник во Собранието на Косово. Друго прекршување беше кога истиот вицепремиер фрли со флаша со вода кон пратеникот (Мергим) Љуштаку. Во оваа ситуација, претседателот на Собранието, да ја имаше потребната професионалност и храброст, ќе го исфрлеше од седницата Бесник Бислими, затоа што, како гостин, спротивно на Деловникот на Собранието, презеде дејствија кои не му следуваат, како што е нападот врз пратеникот Љуштаку, се вели во реакцијата на КМДЛЊ.

Според оваа невладина организација, „најтешкото прекршување што го направи претседателот на Собранието (Коњуфца) беше повикот до полицијата да интервенира додека течеше седницата“, затоа што, вели КМДЛЊ, собранискиот спикер првин требал да ја прекине седницата, а потоа да ја повика полицијата да интервенира за смирување на состојбата.

Инцидентот во Собранието на Косово се случи на неговата последна седница, во четвртокот, на 13 јули, кога дојде до тепачка меѓу пратениците на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК) и нивни колеги од владејачката ВВ, како и неколку министри од кабинетот на Курти. По седницата Љуштаку пред новинарите изјави дека ќе поднесе кривични пријави против Бислими, како и против министерот за финансии, Хекуран Мурати и министерката за правда, Албулена Хаџиу.

Повод за инцидентот беше сликата поставена на говорница од страна на пратеничката на ПДК, Ганимете Муслиу, на која беше претставен Курти со издолжен нос, како Пинокио, и со написот (на српски јазик „ЗдраВВо“. Курти се обвинува дека лаже во врска со прислушуваните разговори, кои ги објавија медиумите, на шефицата на пратеничката група на ВВ, Мимоза Кусари-Лила со потпретседателот на партијата на косовските Срби, Српска Листа, Славко Симиќ и со обвинетиот за неколку кривични дела, Милан Радојчиќ, за кого приштинските медиуми, меѓу другото, тврдат дека е осомничен за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, во јануари 2018 година.