Фото: ЕПА

Словенија се најде во средиштето на меѓународен скандал откако магазинот „Политико“ поведе истрага за да открие како, и покрај строгите санкции против Русија, кои траат речиси година и пол, западната муниција сè уште стигнува до руските војници

Американски куршуми во руски пушки и шверцувана муниција преку „балканската маршрута“

Станува збор за американска муниција калибар 338, што можеше да се види на видеоматеријалите од украинскиот фронт, додека припадник на „Вагнер“ го полни својот снајпер „орсис Т-5000“.
Имено, во новинарското истражување на „Политико“ беа идентификувани две руски компании: „Тетис“ и „Промтехнологија“ (последнава производител токму на гореспоменатиот снајпер „орсис“), со седиште во Москва. Компаниите се под санкции на САД. Според резултатите на истражувањето, тие набавуваат куршуми од американскиот производител „Хорнади“, под царинска декларација за „ловечка муниција“, но интересна информација до која дошол „Политико“ е што шверцерската патека води преку „балканската маршрута“. Имено, „Политико“ открива дека како посредник се појавува словенечката компанија „Валеријан“, во сопственост на лицето Гашпер Хејбал. Гашпер Хејбал претходно работел за американскиот воен доставувач „Вуду тактикал“.
– Компанијата „Промтехнологија“ од октомври поднела четири апликации, кои опфаќаат пратки од 460.000 единици опишани како „ловечки патрони орсис“ – повеќето од нив 338 „лапуа магнум“. Во нив како доставувач е наведена словенечката компанија „Валеријан“ – наведува „Политико“.
Компанијата „Валеријан“, како што пишуваат, се наоѓа „во село на околу 40 минути возење југоисточно од словенечката престолнина Љубљана“, а е основана со капитал од 7.500 евра во пресрет на војната во Украина.
На својата веб-страница, „Валеријан“ има слоган: „Нашата цел е да ве опремиме за вашата мисија, каква и да е таа и каде и да одите“.

Сопственикот на словенечката фирма посредник нема поим дека неговата компанија е инволвирана во шверц на муниција?!

Во истражувањето на магазинот „Политико“ се наведува дека новинарите истражувачи контактирале и со сопственикот на словенечката фирма „Валеријан“,лицето Гашпер Хејбал. Во изјавата за „Политико“, Хејбал негирал дека неговата компанија „Валеријан“ испраќа муниција во Русија. „Ние не продаваме никакво… огнено оружје или муниција, а има и ембарго за продажба во Русија“, рекол Хејбал.
Во следниот имејл Хејбал напишал: „Прво, мора да нагласиме дека не знаеме или не разбираме како името на нашата компанија, ’Валеријан’, се појавува на царинската декларација“ и дека „’Валеријан’ не е наведена таму како доставувач, туку како производител, и дека тоа не е можно затоа што не произведуваме муниција. Сè уште не разбираме како може нашето име да се појави на таа декларација. Драго ни е што ни го предочивте ова, за да можеме да дознаеме што се случува“.
„Политико“ наведува дека по воведувањето на санкциите, се прибегнува кон различни методи на „заобиколување“ преку „црниот пазар“ и „посредничките“ земји што не се приклучија на ембаргото. Така, „Политико“ ја наведува централноазиската држава Киргистан, која инаку е цел на една од најважните земји преку кои Русија набавува западна стока што не ѝ е достапна.
Според „Политико“, тие во контакт со еден словенечки дипломат добиле информација дека „иако е точно дека фирмата ’Валеријан’ никогаш не барала одобрение за извоз на оружје или муниција во Русија, таа испорачала ’одделни делови’ во Киргистан“. Таа изјава на словенечки дипломат фрла нова светлина на аферата „американски куршуми во руските пушки, шверцувани преку Балканот“.
Во Брисел и Вашингтон размислуваат да воведат санкции против Киргистан, токму за да ѝ отежнат на Русија да добие западна технологија, која е важна за производство на оружје.