Во обидите да се најде решение за скапата струја, некои земји веќе преземаат решителни чекори, со кои се бара начин да се дојде до поевтина струја. Во тие рамки може да се гледа здружувањето на Србија и Словенија, кои воспоставуваат регионална берза на енергија за Централна и Југоисточна Европа. Седиштата на берзата се во Љубљана и во Белград
Регионална берза на енергија за Југоисточна Европа во функција на поврзување на Балканот на полето на енергијата
Цената на струјата во целиот свет, па со тоа и во регионот, од минатото лето бележи историски рекорди. Како резултат на тоа, од 1 април струјата поскапе за многу европски потрошувачи. Во некои европски земји, цената за мегават-час достигна до 240 евра минатиот месец.
Во обидите да се најде решение за скапата струја, некои земји веќе преземаат решителни чекори, со кои се бара начин да се дојде до поевтина струја. Во тие рамки може да се гледа здружувањето на Србија и Словенија, кои воспоставуваат регионална берза на енергија за Централна и Југоисточна Европа. Седиштата на берзата се во Љубљана и во Белград.
Новата берза ќе работи под името „Алпско-јадранско-дунавска берза на електрична енергија“, скратено „Адекс“. Создадена е со поврзување на српската и словенечката берза, а основачи се компаниите за пренос на електрична енергија од двете земји – „Електромрежа на Србија“ и словенечкиот оператор „Елес“ и европската берза.
Што значи здружувањето на пазарот на електрична енергија во регионот на
Југоисточна и Централна Европа
Милош Младеновиќ, директор на српската берза за струја „Сепекс“, вели дека здружувањето е одлична вест, пред сѐ за стручната јавност, за пазарот на електрична енергија во регионот на Југоисточна и Централна Европа.
„Сепекс“ се појави како авангарда во овој регион пред пет години, а ова формирање на првата регионална берза на некој начин ја оживува идејата врз чија основа е создаден. Тој беше создаден не само како потреба на нашиот пазар туку и како идеја да се формира регионален спот пазар на електрична енергија – вели директорот на српската берза за електрична енергија „Сепекс“.
Според него, откако ќе се формира „Адекс“ ќе им овозможи на учесниците да имаат хармонизирана трговска и клиринг-платформа за регионите на Централна и Југоисточна Европа, а од друга страна ќе претставува модел и пример за другите земји од регионот.
Во моментов, Србија е единствената земја со берза за струја од државите надвор од Европската Унија, па затоа примерот со „Сепекс“ заслужува посебно внимание, а дополнителен аргумент за тоа е и ова здружување. Упатените укажуваат дека оваа синергија и здружување на капацитетите на српската и словенечката берза ќе бидат првата краткорочна придобивка во рамките на дневниот пазар во Србија, а тоа е делот што недостига во таа севкупна сложувалка на српскиот пазар на електрична енергија. Од друга страна, тоа ќе го забрза процесот на интегрирање на српскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар преку процесот на спојување на пазарот.
Дали има некакви показатели дека цената на струјата ќе се врати на
нивото од пред кризата?
Укажувајќи на сериозноста на проблемот со високите цени и недостигот од електрична енергија во пошироки рамки, Младеновиќ посочува дека моментално цената на струјата е стабилизирана на ново високо ниво, меѓу 200 и 250 евра. Според него, цената нема да се врати на нивото од пред кризата, не само поради војната во Украина туку и поради други веќе добро познати причини.
Цените во Европа се на ниво од над 200 евра, во Србија, на пример, од почетокот на годината просечната цена е на ниво од 232 евра за мегават-час – вели Младеновиќ.
Иако не сака да прави споредба со минатата година, бидејќи тогаш ситуацијата беше сосема поинаква, тој посочува дека минатогодишната просечна цена беше 114 евра за мегават-час. Тој очекува годинава од повеќе причини просечната цена да биде над 200 евра за мегават-час. Но, и покрај тоа, укажувајќи на предноста од постоењето на берзата, тој вели дека неговата земја нема да почувствува недостиг од електрична енергија.
Една од важните предности на нашата берза е тоа што секогаш имате енергија. Секогаш има понуда и побарувачка, кај нас ги имаме присутни 25-те најголеми европски учесници на пазарот, така што нема страв дека ќе недостига енергија. Се разбира, цената на берзата е совршено огледало, кое ги покажува работите какви што се навистина, а цената ја покажува моменталната ситуација не само во регионот туку и во Европа – заклучи Младеновиќ.
Примерот за српската берза на струја е позитивен и тој ги дава првите резултати, а поврзувањето со словенечкиот партнер е чекор понапред во тој правец. Колку овој пример ќе значи поттик и за натамошно поврзување на другите земји од регионот, останува да се види. Кризата во снабдувањето со струја наложува да се преземат одлучни чекори.
Подготвил: Марјан Велевски