Деновиве се навршија речиси 200 години од најдлабоките реформи што ги имала една држава на Балканот, спроведени од претседател на држава со визија, конкретна мисија и посветеност кон својот народ и држава. Поттикнати од тоа, во текстот што следува направивме еден пресек на длабоките, но решителни реформи во сите сегменти на општественото битисување на Турција, што донесе просперитет, но и висок меѓународен углед и на државата и на народот. Со Р Турција ние имаме т.н. Стратегиски договор и токму тоа нѐ носи на полето на најтесна билатерална соработка, вклучувајќи и црпење колосални искуства за патот на метаморфозата што сега и нас нѐ очекува, се разбира под раководство на наши избрани политички лидери, кои својот живот и работа го посветуваат на својата татковина, исто како и Мустафа Кемал-Ататурк (татко на нацијата!)
Реформите на Ататурк: Визионерство и посветеност за пример, квантен скок во иднината на својата земја и народ
Шеријатот во исламските земји за многумина беше основа на муслиманската земја. Правниот поредок заснован на Куранот беше норма, па не е ни чудо што Мустафа Кемал (познат како Ататурк, што значи татко на нацијата) ги изненади речиси сите кога го замени со секуларен закон во неговата нова Република Турција на 8 април 1926 година.
Отоманската Империја се распадна на крајот на Првата светска војна. Требаше да поминат само неколку минути откако Константинопол ѝ објави војна на Антантата за Британците и Французите да седнат на маса и да се договорат кој која територија ќе ја заземе откако империјата ќе се распадне.
На мировната конференција во Париз беше договорено преостанатата турска територија да се подели меѓу Грците, Италијанците, Британците, Французите и Арапите. На Русите секако не – прерано излегоа од војната, па ништо нема да им дадат. Областа околу Константинопол (денешен Истанбул) требаше да стане меѓународен протекторат, а поранешната османлиска држава да се сведе на централниот дел на Анадолија.
Сепак, Ататурк и неговите поддржувачи не се согласуваа со овој договор. Започнуваат нова војна за независност и набрзо основаат нова турска држава, онаа чии граници сè уште ги препознаваме на светската мапа.
Мустафа Кемал Ататурк станува првиот претседател на Република Турција и веднаш се фрла во реформирање на земјата. Неговото мислење за старата Отоманска Империја беше негативно и веруваше дека новата Турција не може да функционира на сличен начин бидејќи и таа ќе пропадне во иднина.
Политички и културни реформи
Промените што ги воведе Мустафа Кемал имаа цел да ја модернизираат Турција и да ја доближат до европските земји. Латинската азбука е воведена како главна азбука и сега во политиката владее повеќепартиски систем. Во своите јавни обраќања, Ататурк носи модерна западна облека наместо раскошот што го носеле поранешните султани, а исто така забранува носење на традиционални турски капи – фесови.
Бил и голем поддржувач на секуларизацијата, па затоа основал два значајни универзитета, кои немале никаква врска со верските кругови. Секуларната политика влијаеше и на правата на жените: прво, тој им даде поголеми права во однос на наследството и разводот, а потоа тие добија право на глас во 1930 година. Четири години подоцна тие можеле да бидат избрани и на политички функции.
Овие реформи наидоа на отпор меѓу традиционалните муслимански кругови. Многу се пишуваше за реформите во медиумите, но се дискутираше и во академските кругови. Конзервативците го критикуваа дека отстапува од општите муслимански принципи, но тоа не влијаеше на него.
Реформите во однос на правата на жените, како и културните реформи, беа овозможени бидејќи стариот шеријатски закон беше заменет со нов инспириран од швајцарското граѓанско право. Република Турција произлезе од Отоманската Империја, но нејзиниот политички и културен идентитет е сосема поинаков од оној што го носеше Отоманската Империја.
Сепак, Ататурк иако стави печат на секуларизмот, тој само го стави последното камче во мозаикот на длабоките реформи во Османлиската Империја. Многу важно, зашто тоа беше еден од моментите да се крене од постела болниот од Босфорот. Реформите почнуваат со таканаречените закони Танзумат, или реформи, кога почнува процесот на одвојување на црквата, односно религијата од држава.
Може ли Македонија, која е во кампања за избор на претседател на државата, да земе нешто од идеите на Ататурк, да ги следи неговиот реформаторски дух и визионерство, или само ќе ја следи реториката во која нема место за ништо друго, освен за ЕУ и НАТО? Може ли идниот избран претседател на македонската држава да биде иницијалната каписла за вистински реформи, кои ќе ја направат Македонија модерна држава, или ќе остане во калта на вечната транзиција?
Секако, сенката и политичкото наследство на Ататурк се однесуваат и за идната влада, од која ќе се бара вистинско лидерство. Х.И.