По неуспешните бриселски преговори, вчераутро дојде до пресврт со веста дека Курти го прифатил предлогот од САД за 48 часа да го одложи најавеното спроведување на одлуката за изрекување казни. Косовскиот премиер преку Твитер објави дека го прифатил одложувањето, наведувајќи дека е „подготвен да работи на наоѓање решение во следните два дена со САД и ЕУ“. Курти му се заблагодари на американскиот амбасадор во Косово, Џефери Ховениер, за неговата посветеност и рече дека ја прифатил понудата. Веднаш по ова следуваше изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека побарал од политичките претставници на Србите од Косово да ги зачуваат мирот и стабилноста
Постигнат првичен компромисен резултат за спорните прашања помеѓу Србија и Косово, со посредство на Брисел и Вашингтон
Засилената дипломатска активност за решавање на косовскиот проблем продолжува со несмалено темпо, а резултатите, колку и да се скромни, сепак даваат надеж дека ќе се најде решение што нема да подразбира натамошна ескалација на тензиите. Завчера во Брисел дојде до неколкучасовна средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, со посредништво на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Првичните извештаи, како и изјавите на лидерите на Србија и на Косово, одеа во правец дека тие не успеале во Брисел да се договорат за решение за спорот со регистарските таблички, што беше главна тема на преговорите.
Сепак, вчераутро дојде до пресврт, кога стигна веста дека Курти го прифатил предлогот од САД за 48 часа да го одложи најавеното спроведување на одлуката за изрекување казни. Косовскиот премиер преку Твитер објави дека го прифатил одложувањето, наведувајќи дека е „подготвен да работи на наоѓање решение во следните два дена со САД и ЕУ“. Курти му се заблагодари на американскиот амбасадор во Косово, Џефери Ховениер,в за неговата посветеност и рече дека ја прифатил понудата.
Веднаш по ова следуваше изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека побарал од политичките претставници на Србите од Косово да ги зачуваат мирот и стабилноста. Вучиќ вчера рано наутро се сретна со српските претставници, откако косовскиот премиер Албин Курти го одложи спроведувањето на втората фаза од одлуката за српските регистарски таблички за 48 часа на северот на Косово.
Вучиќ на својот инстаграм-профил, преку видеоизјава, рече дека „на туѓата ароганција одговараме онака како што одговараат пристојните луѓе“.
– Ние само сакаме да си го заштитиме своето и ништо повеќе. Затоа, сигурен сум дека како народ ќе покажеме зрелост и ќе ги зачуваме нашите огништа – рече Вучиќ.
Одложувањето на првичната одлука на Курти дојде по силниот американски притисок по завршувањето на состанокот во Брисел. Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, во писмената изјава напиша дека премиерот на Косово, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, треба да направат отстапки за да се осигурат дека нема да биде загрозен деценискиот тешко стекнат мир во и така кревкиот регион.
„Го повикуваме премиерот Курти да соработува со високиот претставник на ЕУ, Борел и со специјалниот претставник на ЕУ, Лајчак, за да се постигне правичен компромис“, пишува во соопштението.
Притоа се наведува дека САД се приклучуваат на повиците на ЕУ до Косово веднаш да ги откаже планираните мерки што би довеле до ескалација на тензиите, меѓу кои и казните за возачите што не ги замениле српските таблички со косовски.
„Двете страни треба да се воздржат од преземање провокативни чекори, да ги исполнат своите обврски во рамките на дијалогот што го води ЕУ и конструктивно да се ангажираат за наоѓање одржливо решение“, наведува Прајс.
За потсетување, состанокот во Брисел дојде среде кризата предизвикана од регулирањето на регистарските таблички издадени од српските власти, кои косовската страна ги смета за незаконски. Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат со наплата на казни од 150 евра за возачите што не ги пререгистрирале возилата на табличките РКС (Република Косово). Но косовската полиција во неделата најави дека од вторник, 22 ноември, ќе почне со наплата на казните. По неуспешните преговори завчера, Курти кажа дека предлогот од ЕУ бил неприфатлив и обвини дека Борел и ЕУ се откажале од нивниот предлог и од рокот март 2023 да биде краен датум за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово.
Од друга страна, Вучиќ по состанокот изјави дека не му е јасно зошто не постигнале договор и посочи дека Србија ќе ги послуша советите на Борел, кој побарал Косово да не применува казни, а Србија да не издава нови регистарски таблички.
Покрај Стејт департментот, разочарување од недостигот од договор изразија и Европската Унија, Велика Британија и НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека на Косово мора да се избегне ескалација.
„Разговарав со (шефот на европската дипломатија) Жозеп Борел. Разочарани сме што не е можно да се реши спорот за регистарските таблички“, напиша Столтенберг на Твитер. Според него, „сега е време за одговорност и прагматични решенија“ и „мора да се избегне ескалација“. „НАТО и КФОР остануваат будни“, додаде генералниот секретар на НАТО.
Подготвил: Mарјан Велевски