Најновите податоци за пораст на стечаите од 16,3 отсто, во рамките на третиот квартал од оваа година, се јасен индикатор за вкупната неповолна економска состојба во која се наоѓаат земјите од Европската Унија. Во таа насока се и прогнозите за економскиот раст од Европската комисија за следната година, според која, 19-те земји од еврозоната ќе потонат во рецесија во текот на зимата

ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ЗЕМА ВИСОК ДАНОК И ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Бројот на отворени нови бизниси во Европската Унија се зголеми за 2,6 отсто во третиот квартал од 2022 година, во споредба со претходниот квартал, откако регистрацијата на нови фирми претходно благо опадна во првите два квартала од годинава. Но ова мало „заздравување“ на економијата во ЕУ е недоволно за да го забави трендот на фирмите што прогласиле стечај. Стечајните постапки во земјите од ЕУ повторно се зголемија петти квартал по ред. Последното намалување на стечаите од 9,6 отсто бил забележан во вториот квартал од 2021 година, во споредба со првиот квартал од 2021 година. Најновите податоци на Евростат покажуваат дека во третиот квартал од 2022 година, декларациите за стечаи значително се зголемиле за 16,3 отсто, во споредба со вториот квартал од 2022 година.
Најновите податоци на Евростат покажуваат дека во третиот квартал регистрирањата нови бизниси главно се зголемиле во индустријата (+8,1 отсто); секторите информации и комуникација (+2,3 отсто) и транспорт и складирање (+1,8 отсто). Бројот на регистрации на деловни субјекти во првите три квартали од 2022 година е поголем отколку во претпандемискиот период од 2019 година.
Намалување на бројот на стечаи има само кај транспортните дејности. Во третиот квартал во 2022 година, секторот транспорт и складирање беше единствениот сектор што забележа пад (-5,4 отсто) на стечајците во третиот квартал од 2022 година, додека кај сите други дејности е забележан пораст. Најголем пораст на стечајците е забележан во услуги за сместување и храна (+24,0 отсто), финансиски и осигурителни дејности (+17,8 отсто) и индустрија (+16,2 отсто). Најмалку стечаи има во секторот информации и комуникации, за +1,6 отсто.
Најголем пад на бројот на стечајци, споредено со третиот квартал од 2022 година и периодот пред пандемијата (истиот квартал од 2019 година), е забележан во градежништвото, индустријата и информациите и комуникацијата.
Најновите податоци за моменталниот статус на компаниите се јасен индикатор за вкупната неповолна економска состојба во која се наоѓаат земјите од Европската Унија и претставува одраз на економската и енергетската криза, кои се засилија по случувањата во Украина. Во таа насока се и прогнозите за економскиот раст од Европската комисија за следната година, според која, 19-те земји од еврозоната ќе потонат во рецесија во текот на зимата. За тоа говори и високата инфлација, која трае подолг период, а високите цени и трошоците за греење им ја нарушуваат куповната моќ на европските потрошувачи. Во октомври, инфлацијата во ЕУ го забрза своето темпо и надмина над 11 отсто, објави Европската статистичка служба. Оттука, новата прогноза на ЕК предвидува пад на производството во последните три месеци од годинава и во првите месеци во 2023 година.

Очекувањата на економистите се дека високите цени на енергијата, растот на трошоците на живот и високите каматни стапки ќе го вовлечат поголемиот дел од земјите во ЕУ во рецесија, во последниот квартал од годината. Така, прогнозата за растот за цела 2023 година е намалена на 0,3 отсто, од 1,4 отсто од претходните направени прогнози. Најлоши резултати за следната година, најверојатно, ќе оствари Германија, која е најголемата европска економија и важи за „локомотива“ на ЕУ, но која во исто време е и најзависна од увозот на суровини и гас од Русија.
Германскиот извоз во Русија и во Кина е значително намален во октомври, покажаа вчерашните прелиминарни податоци на националниот Завод за статистика (Дестатис).Германскиот извоз во Русија е повеќе од преполовен во споредба со истиот период минатата година, намалувајќи се за милијарда евра, се посочува во прелиминарниот извештај за извозот во категоријата трети земји. Извозот во Кина опаднал за околу осум отсто на 8,6 милијарди евра, што ја одразува строгата кинеска политика на „нулта толеранција“ кон ковид-19, која влијаеше врз економската активност, проценува „Дестатис“.
Германскиот извоз во земјите надвор од ЕУ во октомври падна за 1,6 отсто, во споредба со септември кога порасна за еден отсто. Вредноста на извозот минатиот месец изнесувал 61,2 милијарда евра.
На опасноста од деиндустријализација предупредуваат и германските економисти, кои изјавуваат дека мора да се промени досегашниот економски систем на Германија, кој се потпираше на увоз на суровини, производство на делови во земјите каде што работната сила е поевтина, а потоа да се склопи во германските компании и скапо да се продаде на светките пазари.
Економскиот аналитичар Марсел Фрачер, од Институтот за економски истражувања, изјави дека првата грешка на Германија се однесува на преголемата зависност од увоз на енергија.
– Вториот аспект е што Германија не го искористи периодот на приспособување на обновливите извори на енергија. Тоа сега ни се враќа. Состојбата е таква што економската структура ни е во опасност – вели Фрачер.
Индустриското производство во развиените земји на Западна Европа постојано се намалува, а во овој тренд се вклопува и германската економија. Индустриското производство во оваа земја во 2016 година учествувало со 22,8 отсто во БДП, а минатата година тоа изнесувало само 20,8 отсто. М.Ј.