Како што укажуваат демографите, општиот тренд на депопулација во оваа земја-членка на Европската Унија се одрази и на бројот на првачињата. За споредба се земаат бројките од пред две години, кога нивниот број изнесувал 37.000, а минатата година се намалил на 35.794 деца. Економските експерти, како причина за заминување на нивните родители во странство, ги наведуваат разликите во животниот стандард, отвореноста на границите, но и поради подобрите работни услови во земјите од ЕУ
Перманентното иселување на Хрватите надвор од земјата се одразува на намалениот број ученици во државата
Годинава во основните училишта во Хрватска во прво одделение се запишале 800 деца помалку, во споредба со претходната година. Бројката можеби не е голема, но загрижува трендот на континуирано намалување на новозапишани деца во прво одделение.
Како што укажуваат демографите, општиот тренд на депопулација во оваа земја-членка на Европската Унија се одрази и на бројот на првачињата. За споредба се земаат бројките од пред две години, кога нивниот број изнесувал 37.000, а минатата година се намалил на 35.794 деца.
Економските експерти, како причина за заминување на нивните родители во странство, ги наведуваат разликите во животниот стандард, отвореноста на границите, но и поради подобрите работни услови во земјите од ЕУ.
Во тие рамки, се посочува дека Германија продолжува да биде најпосакувана дестинација за хрватските граѓани. Според податоците за 2022 година, во Германија се отселиле над 14.000 лица, односно 33,1 отсто од вкупниот број иселени лица. Во истиот период повеќе од четири илјади Хрвати се вратиле од Германија. Втора дестинација што ја избираат хрватските иселеници е Австрија, каде што се отселиле пет илјади лица, а во Ирска 1.200. Во Италија заминале над илјада Хрвати. Во соседната Словенија заминале 600 лица. Вкупно во ЕУ лани заминале 24,2 илјади Хрвати, четири пати повеќе од бројот на вратени хрватски државјани, кои работеле во некои од земјите во ЕУ.
Минатата година Хрватска имала позитивно миграциско салдо, односно повеќе луѓе се доселиле во земјата, од тие што заминале. Но станува збор првенствено за странска работна сила и се должи на зголемениот број создадени работни дозволи за престој и работа, како и од раселените лица од Украина. Околу 82 отсто од доселените лица се странци, а 17,8 отсто се хрватски државјани што се вратиле во татковината. Наедно, од иселените лица 70,7 отсто се Хрвати, а 29,3 отсто се странци. Лани во Република Хрватска од странство се доселиле 57.972 лица, а во странство заминале 46.287. Салдото на миграција на населението е во плус за 11.685 лица. Околу 20 отсто од доселените се од Украина, а 14,6 отсто од Босна и Херцеговина.
„Евростат“ ги нема објавено вкупните податоци за секоја земја, но за минатата година, Хрватите биле меѓу четирите нации во ЕУ што од 2018 до 2022 година имале најголем релативен раст за земање друго државјанство и е во десетте земји според бројноста на иселените во некои од другите земји во ЕУ. Лани, според податоците на „Евростат“, во ЕУ живееле над половина милион Хрвати.
Најмногу иселени во некои од другите земји во ЕУ биле жителите од Романија (3,1 милиони или 24 отсто од романското население), а следуваат жителите на Полска (1,5 милион или 11 отсто), Италија (1,5 милион или 11 отсто), и португалските граѓани со еден милион иселени лица или седум отсто.
Најмалку луѓе заминуваат од Кипар и од Малта и Луксембург.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска