Родителите на децата кои беа убиени во масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 3 мај, како и оние чии деца го посетуваат тоа училиште, денеска напладне се собраа на протест барајќи правда за сите жртви во мајските трагедии. Родителите, но и други граѓани, оставија цвеќе и запалија свеќи пред училиштето, јави „Нова ТВ“.
Пред „Рибникар“ има граѓани од сите возрасти, од деца до пензионери, јавија белградските медиуми. На 3 мај ученикот К.К влезе во училиштето и пукаше при што уби девет деца и чувар.
Родителите истакнаа дека се собрале да им порачаат на властите да бараат правда за сите деца кои беа убиени во „Рибникар“, но и за жртвите кои само еден ден подоцна беа убиени во Дубона и Мало Орашје. Тие рекоа и дека бараат безбедност на децата во сите училишта. Според нив, државата не направила ништо од 3 мај за безбедноста на децата и се уште не одговара на апелите на родителите. Бараат, како што велат, јасни и недвосмислени одлуки.
Министерството за образование им препорача на сите образовни институции да не организираат прослави по повод новогодишните празници.
-Тоа не треба да го прават, имајќи ги предвид невините жртви на двете масовни убиства во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград и во околината на Младеновац – рекоа од министерството.