Седум години по формирањето, косовскиот Специјален совет во Хаг ги донесе своите први пресуди во 2022 година за злосторства сторени за време на воениот конфликт, кои не застаруваат. Експерти тврдат дека „клопчето на воени злосторства“ се расплеткува и дека прашање на време е кога тоа ќе се почне да се расплеткува и за злосторства сторени во соседството на Косово
Косовскиот Специјален совет во Хаг почна да го расплеткува клопчето на многуте сторени воени злосторства, кои не застаруваат
Косовскиот Специјален совет во Хаг, на крајот на 2022 година конечно ја донесе својата прва пресуда за воени злосторства. Во неа се осудува поранешниот командант на единицата на Ослободителната војска на Косово, Салих Мустафа, на 26 години затвор. Судот утврди дека Мустафа, кој го користел военото име командант Кали, лично учествувал во тортурата на затвореници во „комплексот на ОВК“ во 1999 година, а утврдени се низа околности под кои тој бил директно инволвиран, при што се довело до нивна смрт.
Претходните пресуди беа за „попречување на правдата, заплашување и неовластено откривање судски информации“…
За потсетување, претходно во оваа 2022 година, Специјализираниот суд, исто така, ги осуди водачот и заменик-лидерот на организацијата на воените ветерани на Ослободителната војска на Косово, Хисни Гучати и Насим Харадинај, и тоа за „попречување на правдата, заплашување и неовластено откривање судски информации и лични податоци за заштитени сведоци во случаи на воени злосторства во Хаг“. Имено, токму западните сојузници на Косово побараа формирање специјализирани совети поради стравувањата дека домашните судски власти не можат да ги заштитат сведоците од заплашување во случаите поврзани со ОВК, откако инцидентот со манипулација на сведоци ги наруши претходните судења.
Специјализираните совети во ноември и судијата на претходна постапка сигнализираа дека е голема веројатноста „случајот за воени злосторства и злосторства против човештвото од висок профил против поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, и неговите сообвинети Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи да започне во почетокот на 2023 година!“. Имено, во јуни годинава, обвинителството направи дополнување на обвинението против Тачи и другите три лица што „од герилци станаа политичари“, именувајќи уште три притворски центри каде што, наводно, биле малтретирани и мачени затворениците на ОВК, со што вкупниот број се искачи на 25.
Големи број случаи и мал број обвиненија
Оваа година беа спроведени 29 ископувања на локации за кои постоеше сомневање за масовни гробници од времето на војната, што резултира со 16 ексхумации и пронаоѓање на 16 комплети човечки останки.
Дрита Хајдари, шефица на Одделот за воени злосторства при Специјалното обвинителство на Косово, рече дека оваа година се отворени истраги за 17 случаи и се поднесени три обвиненија за воени злосторства, со кои се товарат тројца осомничени. Таа рече дека неусогласеноста меѓу големиот број случаи и малиот број обвиненија е затоа што Косово не може да уапси многу од осомничените. Доколку бидат уапсени во странство, државите често одбиваат да ги екстрадираат лицата што се бараат за воени злосторства во Косово во Приштина, додаде таа.
– Се случува кога Интерпол апси барано лице, наместо да го екстрадира во Косово, како место каде што се извршени воените злосторства, да го екстрадира во Србија – вели Хајдари.
За првпат по повеќе од две децении по војната, Косово во 2022 година подготви национална стратегија за транзициска правда во обид да се справи со нерешеното наследство од конфликтот во доцните 1990-ти. Работната група на Министерството за правда за изготвување на Косовската стратегија за транзициска правда во моментов развива 30 фокус-групи како дел од јавната консултација, вклучувајќи ги и жртвите од војната и претставниците на жртвите и нивните семејства. Според Министерството за правда, стратегијата ќе биде финализирана во првите три месеци од 2023 година.
Косовските власти, исто така, постигнаа напредок кон формирање нов истражувачки институт за воени злосторства за собирање, класифицирање и архивирање информации за прекршоци извршени за време на војната 1998-1999 година. Во октомври, косовското собрание го одобри во прво читање Законот за основање Институтот за злосторства извршени за време на војната во Косово, пет години откако тогашниот премиер Рамуш Харадинај одлучи да го укине претходниот истражувачки институт бидејќи не даде значителни резултати.