Балканот зафатен од топлотен бран
Во наредните денови Србија и Хрватска ќе бидат зафатени од високи дневни температури, кои ќе достигнуваат и до 40 степени. Републичкиот хидрометеоролошки завод вчера објави предупредување за топлото време, кое ќе трае до втори јули. До крајот на неделата, во Србија ќе се задржи многу топло време, со утрински температури од 20 до 25 степени, додека највисоката дневна температура ќе се движи од 34 до 37 степени. Во овој период се најавени и тропски ноќи. Вчера максималната температура во Србија изнесуваше 35 степени.
Топлиот бран што ја зафати Европа пристигна и во Хрватска, а националниот хидрометеоролошки завод објави портокалово предупредување, што значи дека во текот на денот ќе има 35 степени, а топло ќе биде и во вечерните часови од денот. Метеоролозите нагласуваат дека ова е пет-шест степени над просекот за крајот на јуни и почетокот на јули.
– Се очекуваат вредностите на дневните температури на воздухот да бидат од пет до десет степени над просечните, кои биле измерени во овој период од годината од 1991 до 2020 година – вели метеорологот Александра Каранац.
Топлото време што почна од почетокот на неделата ќе трае до крајот на месецот, а може да се пренесе и на првиот ден од јули.
– Највисока температура се предвидува во внатрешноста на Далмација, односно во Книн, каде што е можно температурите да достигнат до 40 степени – велат од Државниот хидрометеоролошки завод.
Медицинските лица предупредуваат дека големиот дневен раст на температурата се одразува и на здравјето на луѓето, затоа што нивниот организам не може да се излади во текот на ноќните часови. За граѓаните се препорачува да не излегуваат на отворено во периодот од 10 до 17 часот или да престојуваат во разладени простории. Се препорачува собната температура преку денот да се одржува под 32 степена, а во текот на ноќта под 24 степена. Во текот на ден да се избегнуваат физички активности, да се пијат доволно течности и да се консумира полесна храна.
Во Македонија во наредните денови следува период на топло време, со дневни температури што насекаде ќе бидат над 30 степени. В петок, сабота и недела максималните температури во некои делови од земјата ќе достигнат до 38 степени.