Фото: ЕПА

Турските вооружени сили планираат две големи воени вежби во мај, додека грчката армија планира поморски воени маневри кон крајот на мај

И Турција и Грција најавуваат големи воени вежби кон крајот на овој месец

Официјална Анкара ги најави воените вежби „Морски волк“ и „Феникс од Анадолија“, кои ќе ги мобилизираат речиси сите турски воздухопловни сили во Црно Море, Егејско Море и источниот Медитеран. Според турското Министерство за одбрана, се очекува повеќе од 20.000 припадници на турските вооружени сили да учествуваат во вежбата „Морски волк“, која започнува денеска и завршува на 17 мај, со учество на здружени единици на турската копнена армија, воздухопловните сили, морнарицата и крајбрежната стража. На вежбата ќе учествуваат повеќе од 100 единици на турските копнени сили, подморници, авиони, хеликоптери и беспилотни летала што дејствуваат на море и во воздух, а за време на неа ќе бидат тестирани новите автономни борбени системи што неодамна ги доби турската морнарица. Интересно е дека на овие вежби за првпат ќе раководи и ќе командува новоформираната Команда за амфибиски операции со седиште во Дарданелите.
Од друга страна, грчката воена флота кон крајот на мај ќе ги одржи маневрите „Бура“ во Егејско Море. Станува збор за оперативна поморска обука од големи размери во која ќе учествуваат борбените авиони на грчките воздухопловни сили, како и единици на копнената армија и командите за специјални операции. Целите на вежбата ги вклучуваат сите форми на поморско војување на море и под море, додека единиците на крајбрежната стража ќе учествуваат во некои сегменти од маневарот.
Последната фаза од вежбата подразбира симулација на „ослободување еден грчки остров“ каде што, според сценариото на воената вежба, „се истовариле непријателските сили и привремено го запоседнале“. Р.Б.