Само неколку недели по петтите по ред избори за две години, Бугарија веќе во јуни може да се соочи со опасност од колапс – доколку дотогаш не успее да формира влада, пишува „Еуобсервер“. На општите избори во април, коалицијата на партиите Граѓани за европска Бугарија (ГЕРБ) – Сојуз на демократските сили (СДС), предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, освои најмногу гласови (26,5 отсто), со предност од речиси два отсто пред втората по успешност политичка сила, коалицијата Продолжуваме со промената (ПП) – Демократска Бугарија (ДБ).
На 3 мај, коалицијата ПП-ДБ излезе со свој предлог за формирање влада, кој вклучуваше водечки прозападни и антикорупциски фигури – но Борисов, поранешен телохранител на последниот бугарски комунистички диктатор Тодор Живков, веднаш го отфрли предложениот состав на владата и изјави пред новинарите дека тој бара поддршка за малцинска влада.
Сè понестабилната политичка ситуација во Бугарија е последниот удар врз земјата која, кога стана членка на ЕУ во 2007 година, оставаше впечаток на земја со позитивен демократски пресврт. Меѓутоа, тврдокорниот популизам на Борисов континуирано доминира во бугарската политика, уривајќи ги надежите за каков било вистински напредок.
Владеењето на Борисов во поголемиот дел од 2009-2021 година беше обележано со корупција, скандали за злоупотребени фондови на ЕУ (актуелно под истрага на Европското јавно обвинителство), високи стапки на емиграција, сиромаштија и инфлација. Всушност, во Бугарија веќе подолго од една деценија доминира мафијашката елита со корени во разузнавачките служби од времето на комунизмот. Земјата сè уште не е дел од Шенген зоната – главно поради неуспехот да се справи со својата ендемска корупција – а засега неуспешно се бори и за учество во Планот за закрепнување на ЕУ, најмногу поради поради недостатокот на судски реформи.
Бугарските граѓани имаат јасен увид во проблемот – една неодамнешна анкета покажа дека 88 отсто од Бугарите сметаат дека корупцијата е широко распространета; има бројни масовни протести кои повикуваат на реална борба против корупцијата и борба за слобода на медиумите и реформи во судството. Потоа, жестоко се залагаат за смена на контроверзниот државен обвинител на Бугарија, Иван Гешев. Сепак, се чини дека ништо не се промени – во јануари годинава, телото за антикорупциски мониторинг во Советот на Европа ГРЕКО (Група на држави против корупцијата) ја критикуваше Бугарија за недостаток на политичка транспарентност.
Дури и САД неодамна санкционираа петмина Бугари од висок профил, вклучувајќи го и Владислав Горанов, министерот за финансии на Борисов во периодот 2014-2020 година. И покрај тоа, ниту една личност, вклучително и санкционираните, до денес не е ставена зад решетки поради мито. Иако Борисов и Горанов беа накратко приведени во 2022 година, обвинителот Гешев – најверојатно поради неговите блиски врски со Борисов и ГЕРБ – одби да поднесе обвиненија. Имајќи поголема моќ од неговите колеги во ЕУ, бугарскиот државен обвинител може да ја поништи секоја обвинителска одлука и да ја контролира секоја истрага во земјата – па дури и не може да биде отпуштен поради какво било прекршување. Врховниот судски совет, 25-члено тело составено од правни експерти, вклучително и некои што се подредени на јавниот обвинител, има само ограничен степен на надзор над обвинителството.
Предлозите за реформи постојано се одолговлекуваат од ГЕРБ, а се добива впечаток и дека правосудството континуирано се користи како „оружје“ за контрола врз бизнисмените.
Индикативен пример за тоа е и случајот со истрагата за браќата Бобоков, угледни бизнисмени кои во 2020 година беа уапсени по наредба на Гешев и кои тврдат дека специјалниот обвинител лажно поднел кривична пријава против нив, со цел да ја приграби нивната профитабилна деловна империја, поттикнат од политички мотиви.
Загрижува и лошото досие на Бугарија во врска со слободата на медиумите
На 2 мај годинава, двете водечки бугарски платформи за истражувачко новинарство – „БИРД“ и „Бивол“ – беа изложени на судски притисок поради нивните неодамнешни откритија за наводен криминал и корупција. Тие се соочија со тужби за клевета и силна кампања за дискредитација под палката на Гешев, кој отиде дури дотаму да обвини тројца истражувачки новинари дека биле вмешани во бомбашкиот напад со автомобил, од кој избегал, иако новинарите и опозициските политичари се сомневаат дека наводниот бомбашки напад во основа е само најобичен пропаганден трик за јавноста.
На Бугарија очајно ѝ требаат судски реформи, но со оглед на тековниот политички ќорсокак во кој се наоѓа земјата, не може да се предвиди кога тие би можеле да се реализираат. Дури Бугарите и да успеат да формираат влада, се очекува дека таа би траела само до претстојните локални избори во октомври. Ова секако би значело одлагање на неопходните судски реформи и лишување на бугарските граѓани од европските фондови за закрепнување, од кои имаат голема потреба. А кога станува збор за главниот обвинител Гешев, кој го парализира правосудниот систем уште од 2019 година – тој најверојатно ќе остане на функција до крајот на неговиот мандат во 2026 година.
Подготви: Валбурга Батева Николоска