Анкетите покажуваат дека и по изборите, владејачката ХДЗ треба да има релативно мнозинство во хрватскиот парламент. Од опозициските партии, најдобар рејтинг имаат СДП и Можеме, како водечки партии од левицата, и Татковинското движење и Мост од десницата
Во Хрватска годинава се гласа на тројни избори
Партиите во Хрватска веќе се длабоко влезени во предизборна кампања. Во 2024 година, хрватските граѓани ќе гласаат во три изборни циклуси во земјата: избори за Европскиот парламент, за националниот парламент и за избор на претседател на државата. Европските избори во Хрватска се закажани за 9 јуни. Датумите за парламентарните избори, а потоа и за претседателските избори, сѐ уште не се познати. Почетокот на неформалната кампања беше видлив во текот на минатото лето. Во меѓувреме партиите се договорени или се преговара за коалиции, пред сѐ за парламентарните избори. Се основаат и нови партии.
Некои партии веќе излегоа со имиња на кандидати за премиер, иако во Хрватска премиерот не се избира на непосредни избори, туку од редовите на парламентарното мнозинство.
Анкетите покажуваат дека и по изборите, владејачката ХДЗ треба да има релативно мнозинство во парламентот. Опозицијата е поделена. Од опозициските партии, најдобар рејтинг имаат СДП и Можеме, како водечки партии од левицата, и Татковинското движење и Мост од десницата.
Демографската катастрофа во Хрватска и увозот на работна
сила ќе бидат камен на сопнување во изборната кампања
Политикологот и социолог Анѓелко Милардовиќ за јавноста издвојува и уште една тема што ќе биде во фокусот на кампањата. Имено, тој изјавува дека Хрватска се соочува со демографска катастрофа, поради што масовно увезува работници од другите делови на светот. Ова може да се покаже како проблем за хрватското општество во иднина. Истовремено, Хрватска е погодена од нов бран мигранти, кои во неа доаѓаат главно преку соседна Босна и Херцеговина. Хрватска, која е членка на Европската Унија и во Шенген, има одговорност да го запре мигрантскиот бран. Прашањето за миграцијата ќе биде едно од доминантните во кампањата за изборите за Европскиот парламент.
Покрај миграцијата, едно од прашањата што може високо да се позиционира во кампањата за Европскиот парламент е и проширувањето на ЕУ. Дополнително, прашање е дали ЕУ, која долго време е „уморна од проширувањето“, може да прими толку голем број нови членки, од кои некои, како Украина, се големи земји, проценуваат хрватските аналитичари.
Кога станува збор за економијата, процените за економското здравје на Унијата и на Хрватска во 2024 година се различни. Европската комисија во есенските прогнози процени дека во 2024 година, ЕУ ќе оствари раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 1,3 отсто, а на еврозоната од 1,2 отсто. Во 2024 година, Хрватска би требало да има и повисока стапка на раст на БДП од повеќето членки на ЕУ. Во Европската комисија очекуваат дека растот на хрватскиот БДП во годината што претстои ќе изнесува 2,5 отсто. Хрватската народна банка и Владата се поголеми оптимисти, па централната банка проценува годишен раст од 2,8 отсто.
– Економската активност треба да задржи позитивен тренд и во 2024 година. Ова делумно ќе биде резултат на поголема употреба на пари од фондовите на ЕУ, но и на зајакнување на домашната побарувачка – изјави економскиот аналитичар Дамир Новотни.
Други прашања преку кои ќе се препукуваат партиите и кандидатите во кампањата
Ефектот од бавниот раст на Германија може да го почувствува и хрватскиот туризам, но факт е дека Хрватска сега привлекува гости од целиот свет. Инфлацијата во земјата слабее, но би можела да остане еден од главните проблеми во 2024 година. Според прогнозите на Европската комисија, просечната стапка на инфлација во Хрватска во 2024 година треба да изнесува 2,4 отсто, што е значително пониско од годинашната инфлација од над осум отсто. Сепак, Владата очекува стапката на инфлација да биде 3,1 отсто во 2024 година.
Економистите проценуваат дека платите ќе продолжат да растат, но со побавно темпо. Прашањето за квалитетот на економскиот раст во Хрватска останува отворено. Имено, платите досега пораснаа многу побрзо од продуктивноста, што веќе претставува голема тежина во работењето на многу компании.
Покрај тоа, на Хрватска ѝ недостигаат поголеми странски инвестиции, кои би создале подобри работни места. Проблемот е што најголемиот дел од хрватските компании се фокусирани на домашниот пазар, од што може да се извлече заклучок дека немаат производи и услуги за висококонкурентниот светски пазар. Хрватска заостанува зад другите во ЕУ во иновациите и дигитализацијата. Од друга страна, земјата премногу се потпира на инвестиции во инфраструктурни проекти и услуги и сѐ поизразен рентиеризам. Сето ова ја прави Хрватска помалку конкурентна на глобалниот пазар. На долг рок, тоа претставува сѐ поголема пречка за понатамошен развој.
Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска