Кандидатот за градоначалник на Софија, од партијата ГЕРБ, на која претседател е Бојко Борисов, не успеа да влезе во вториот круг, а генерално неговата партија постигна задоволителен резултат на локалните избори, но по долги години, доминантната позиција на ГЕРБ и во локалната власт е многу разнишана. Промената на главниот град не е само сериозно прекројување на позициите во локалната власт туку може да влијае на целиот политички процес во државата, анализираат бугарските медиуми
Бугарија: Резултати од локалните избори
Партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, доживеа пораз на локалните избори во Софија и по 18 години ја изгуби локалната власт во главниот град на Бугарија. Борисов ја почна политичката кариера токму како градоначалник на Софија и тоа означува силен удар за неговата политичка кариера. Партијата ГЕРБ, која досега ја водеше Софија, заврши на изненадувачкото трето место, а нејзиниот кандидат Антон Хекимјан освои само 16,2 отсто од гласовите и не се пласира во вториот круг. Иако, севкупно гледано, партијата постигна задоволителен резултат на локалните избори. Речиси идентично како и во бугарскиот главен град, и во другите поголеми места низ земјата ќе има втор круг на изборите, главно меѓу кандидатите на ГЕРБ и коалицијата „Промените продолжуваат-Демократска Бугарија“, кои всушност ја формираат актуелната бугарска влада.
Гласачите во Софија ќе имаат можност да излезат во вториот круг и да гласаат за изборот на градоначалници во 20 кварта на главниот град, каде што во огромниот дел водат кандидатите на ПП-ДБ. Одзивот на локалните избори беше многу мал, само 36,9 отсто.
По првиот круг на изборите во Софија убедливо води кандидатот на коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“, бизнисменот Васил Терзиев, со 33 отсто, втора е Вања Григорова, познат борец за синдикални права, која е кандидат на БСП, со 21,1 отсто, додека кандидатот на ГЕРБ, новинарот Антон Хекимјан, заостанува со 19 проценти од гласовите и не влегува во вториот круг. И во гласањето за општинскиот совет ГЕРБ заостанува, освојувајќи 20 отсто наспроти 33 проценти за ПП-ДБ.
Анкетите одамна предвидуваа дека гласачкото тело на граѓанската коалиција ПП-ДБ во Софија е многу силно, но невлегувањето во вториот круг на кандидатот на ГЕРБ е сериозен удар за Борисов, што покажува колку се намалува влијанието на партијата.
Изборните анализи покажуваат дека партијата ГЕРБ останува на првата позиција според моќта што ќе ја има на општинско ниво во Бугарија, со веќе пет градоначалници на поголемите градови што се избрани во првиот круг, но споредбата на изборните резултати со гласањето од пред четири години покажува дека влијанието на партијата продолжува да се намалува. ГЕРБ пред четири години во првиот круг имал осум избрани градоначалници во поголемите градови.
По долги години, доминантната позиција на ГЕРБ и во локалната власт е многу разнишана. Промената на главниот град не е само сериозно прекројување на позициите во локалната власт, туку може да влијае на целиот политички процес во државата, анализира бугарски „Капитал“. На национално ниво, ПП-ДБ се консолидира како втора политичка сила по неделните избори на локално ниво. Во извесна смисла, катастрофалната загуба во главниот град е личен неуспех за Бојко Борисов, бидејќи тој ја изнуди кандидатурата на Антон Хекимјан за градоначалник. Сега гласањето покажува дека унапредувањето на поранешниот директор на „Вести, актуелност и спорт“ во БТВ не успеа да ги мобилизира ниту упорните гласачи на ГЕРБ во најголемиот град во земјава. Хекимјан има помалку гласови од партиската листа за општински советници, иако нејзиниот резултат е исто така многу низок и под првичните очекувања, се наведува во анализата на „Капитал“.
Подготвил: Митко Јовановски