Словенија
Словенија од 1 јануари официјално го почна мандатот како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, кој трае до 31 декември 2025 година. Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон на почетокот на својот мандат најави дека ова е одлична можност, но и одговорност, бидејќи и покрај глобалната поврзаност и меѓузависност, сегашната ситуација во светот е „сложена“.
– Затоа ќе вложиме особен напор да бидеме бранители на мирот, напредокот и безбедноста – најави таа и рече дека тимот во Њујорк, кој ќе го сочинуваат триесетина луѓе, е добро подготвен и многу мотивиран и сака да остави белег.
Премиерот Роберт Голоб смета дека Словенија го почнува својот мандат во време на растечки кризи и предизвици во меѓународната заедница, поради што нејзината улога како непостојана членка е уште поважна.
Советот за безбедност на ОН е најважното тело на светската организација што одлучува за прашања од меѓународниот мир и безбедност. Има 15 членки, од кои пет се постојани (САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција), а десет се избираат со мандат од две години, од кои пет се избираат секоја година од Генералното собрание на ОН. Ова е второ членство на Словенија во Советот за безбедност, каде што беше веќе во 1998 и 1999 година, кога мисијата во ОН беше предводена од подоцнежниот претседател на републиката, Данило Турк. М.Р.Ј.