Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе добијат слободен пристап до пазарот на трудот во тие три земји, за што беа потпишани и протоколи за преземање неопходни правни чекори за почеток на мерката, која се очекува да стане достапна во текот на март 2024 година. Во меѓувреме останува да се реализираат уште финалните технички тестирања и усогласувања во рамките на системите за е-услуги во трите држави.
Протоколите за слободен пристап до пазарот на трудот во земјите од Отворен Балкан неделава беа потпишани од министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, со колегите од Србија и од Албанија. Потпишувањето на двата протокола значи и заемна законска обврска за започнување бесплатен пристап до пазарот на трудот.
За да се обезбедат напредок и економски просперитет, земајќи ги предвид важноста на мобилноста и на движењето на работниците и подготовката за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ, се поедноставуваат процедурите за слободен и еднаков пристап до пазарот на трудот.
Со ратификувањето на овие договори, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, конечно станува реалност граѓаните на Македонија, Србија и на Албанија да можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци, велат од Владата на Македонија. Дополнително олеснување ќе се обезбеди и со договорите за признавање дипломи и професионални квалификации.
Огромна придобивка од овие договори е тоа што се отстрануваат бариерите за вработување, а државјаните ќе може да работат во сите држави со единствен број за идентификација, без какви било дополнителни процедури. Граѓаните ќе можат да добијат број на Отворен Балкан за идентификација на нивниот национален портал за е-влада или на нивниот национален портал за електронска идентификација. Единствениот број за идентификација е електронска идентификација со која се добива пристап до електронските услуги во државата во која лицето го добило бројот.
Со добивањето потврда за број на Отворен Балкан за идентификација се добива слободен пристап до пазарот на трудот. Бројот на Отворен Балкан за идентификација станува и основа за добивање единствен матичен број за странец, со што нема веќе процедури за дозволи за престој. Со ратификувањето на договорите се засилува конкурентноста во регионот, бидејќи компаниите ќе може да сметаат на работната сила на трите држави непречено, што ќе влијае и на конкурентноста на пазарот на трудот и на растот на платите.