Фото: Принтскрин

Европската унија (ЕУ) смета дека по најавата за намалување на бројот на специјални полицајци на северот на Косово, неопходни се дополнителни чекори за намалување на тензиите за ЕУ да го разгледа повлекувањето на казнените мерки против властите во Приштина.

– Тоа значи дека вонредни избори на северот на Косово мора да се одржат што е можно поскоро, на нив да учествуваат косовските Срби и да продолжи вистинскиот дијалог меѓу Приштина и Белград и решавањето на едно по едно прашање, а најважното е примената на анексот на договорот од Охрид – изјави денеска во Брисел, портпаролот на Европската комисија (ЕК) Петер Стано.

Стано изјави дека роковите за смирување на ситуацијата и резултатите во дијалогот зависат од „способноста на Приштина и Белград да ги исполнат потребните барања, критериуми, ветувања“.

Вака тој одговори на новинарското прашање дали ЕУ очекува некакви итни, опипливи резултати во средувањето на односите меѓу Приштина и Белград до крајот на годината, имајќи предвид дека изборите за Европскиот парламент и други важни настани ќе се одржат следната година.

На новинарско прашање дали ЕК ќе ги повлече санкциите против Приштина, доколку тамошните власти најават распишување нови избори во општините на северот на Косово, Стано нагласи дека ЕУ и нејзините меѓународни партнери во повеќе наврати многу јасно предочиле дека санкциите против Приштина може да бидат повлечени доколку косовските власти почнат со намалување на тензиите.

Тоа значи, подвлече, веднаш да ги повлечат специјалните полициски сили од и околу општините на северот на Косово, а градоначалниците мора да ги извршуваат своите должности надвор од општинските простории.

ЕУ позитивно ги оцени првите чекори на Приштина, додаде Стано, а тоа е најавата за повлекување на 25 отсто од специјалните полицајци од и околу општинските згради на северот на Косово.