За време на викендите, купувачи од Македонија и од Бугарија „пустошеле“ низ српските продавници на југот на Србија, а причина за тоа е добрата снабденост на трговците со дефицитарните прехранбени производи, но и поповолните цени, пишуваат српските медиуми
Балкански прекугранични кратки шопинг-тури за граѓаните што живеат близу границите
Зголемената побарувачка и недостигот од масло за јадење во Македонија, кои беа присутни пред велигденските празници, принудија некои од граѓаните да патуваат стотина километри до трговските центри во соседна Србија! Српскиот весник „Новости“ пишува дека за време на викендите купувачи од Македонија и од Бугарија „пустошеле“ низ српските продавници на југот на Србија, а причина за тоа е добрата снабденост на трговците со дефицитарните прехранбени производи, но и поповолните цени. На најголем удар се продавниците во Врање, каде што недостигот од масло за јадење е поизразен за деновите за викенд, кога и буквално се разграбуваат резервите од овој производ, но и шеќерот, додека брашното се продава во ограничени количества. Пред празникот цената на маслото за јадење во Србија изнесуваше 200 динари, а шеќерот се продава за 90 динари, додека килограм брашно за околу 80 динари. Но потрошувачите велат дека треба да се внимава и на количеството во едно пакување, зашто трговците ја намалиле и грамажата за одредени прехранбени производи.
Од почетокот на руско-украинската војна, во поголемиот број од маркетите и во помалите продавници нема масло за јадење во „слободна“ продажба, а овој производ се крие од потрошувачите. Граѓаните се снабдуваат преку приватни релации со продавачите, кои, пак, повторно го ограничуваа на две шишиња масло. Така беше и во четвртокот, кога во поголемите маркети можеше да се најде масло на рафтовите. Цената за едно пакување од 900 милилитри изнесуваше 134 денари.
Од македонското министерство за економија постојано информираат дека масло за јадење има во доволни количества, но дека недостигот се прави поради несовесните граѓани, кои сакаат да направат приватни резерви од овој производ. Во насока на смирување на состојбата се огласија и од најголемиот производител на масло во земјата, фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, од каде што најавија дека цената на маслото за јадење ќе биде меѓу 2,2 и 2,4 евра, или максимум 2,5 евра, и оваа цена ќе се задржи, особено по празниците.
– Ќе има и доволно количество масло за јадење во маркетите. Граѓаните не треба да стравуваат, ниту да купуваат повеќе за да трупаат резерви. Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење – рече генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, Горан Лазов.
Според Лазов, во Бугарија цената на маслото за јадење е 180 денари или шест лева, а во Грција околу четири евра. Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека Владата го олесни увозот на сурово масло, за да може домашните рафинерии да се снабдат со поевтина суровина.
– Почна увозот на рафинирано масло од соседите, но се увезува и од други држави, со оглед дека ја укинавме царинската стапка од 29 отсто – истакна Бектеши.
Во насока на стабилизирање на домашниот пазар е и одлуката на српската влада за испорака на првите количества масло за јадење, од договорените два милиони литра, од Србија што пред празникот веќе требаше да се најдат во маркетите.
– Гарантираме дека има доволно количество. Имаме зголемено домашно производство и денеска имаме увоз и од Русија, Украина и Бугарија и на масло за јадење и на нерафинирано масло, така што воопшто нема потреба од никаква паника и од зголемување на домашните резерви. Ја сфаќаме загриженоста, но максимално се работи на обезбедување доволно количество – потенцира Николовски.
Покрај смирувачките пораки од производителите на масло за јадење и од Владата, во некои од продавниците не можеше да се најде овој производ.
Економистите велат дека една од причините за „дефицитот“ од масло за јадење е и замрзнувањето на трговската маржа. што предизвика недостиг од одредени производи на пазарот. Но како што забележуваат трговците, недостигот е последица и на зголемената потрошувачка од граѓаните од Грција, Бугарија и од Албанија, кои доаѓаа да го купуваат нашето масло затоа што е најевтино во регионот и затоа купуваа големи количества.
Владата донесе одлука со која ги ограничи трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, кои ќе важат од 1 март до 31 мај годинава. Највисоката трговска маржа ќе може да изнесува до 5 отсто од продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало. Економистите посочуваат дека дестабилизацијата на пазарот на храна ќе продолжи и во наредните месеци. Светската банка смета дека може да има „огромен“ скок на цените на храната од 37 отсто, а тоа најмногу ќе се одрази на сиромашните слоеви на населението од земјите во развој.