Речиси и не е тајна дека баш нема многу „хемија“ помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, но се очекуваше и двајцата да примат остра порака од НАТО и од ЕУ за време на дводневната постета на Брисел што е во тек – престанете да негодувате, смирете ја реториката и побогу, преговарајте, преговарајте, преговарајте, пишува британскиот новинар и историчар Миша Глени во колумна за „Фајненшл тајмс“.
Курти и Вучиќ вчера одржаа засебни состаноци со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пред денешните разговор со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Столтенберг апелираше до двете страни да покажат воздржаност и да избегнуваат насилство, додека Вучиќ го обвини Курти оти лажел за плановите на Србија за напад на Косово.
– Утре ќе имаме тешки разговори. Не се согласуваме речиси за ништо – кажа српскиот претседател по средбата со генералниот секретар на НАТО.
НАТО и ЕУ покажаа знаци дека го губат трпението со балканските лидери, но зад незадоволството се крие вистинска загриженост. Белград и Приштина разменија навреди и мрачни назнаки за војна по неодамнешните тензии откако Србите од Косово се побунија против мерката што ќе бара од нив да користат косовски регистерски таблички, како и специјални документи за влез на Косово за оние што тоа го прават преку Србија.
Беше потребен здружениот притисок од ЕУ, САД и од Обединетото Кралство за да ја смират тензичната ситуација на северот на Косово, но беше огласен алармот во седиштата на НАТО и на ЕУ. Згора, пристутно е зголемено незадоволство на Западен Балкан, предизвикано од неможноста на ЕУ да ги исполни ветувањата кои првпат ги даде уште пред 20 години, за интеграција на регионот во европскиот блок. А не помага ниту тоа што Хрватска и Бугарија го користат статусот во ЕУ за да наметнат непожелен притисок врз БиХ, односно врз Македонија, пишува авторот, додавајќи дека сите овие процеси се засилие откако избила војната во Украина, што ги тестира европската отпорност и единство.
– Навидум изгледа дека Србија и Косово никогаш нема да ги надминат разликите, а сепак, за важните прашања, вклучувајќи ја интеграцијата на косовските Срби во правниот систем на Косово, направен е вистински напредок. Двете страни покажаа тивка подготвеност за компромис. Но, ниту една од нив не ги истакна овие успеси поради страв од реакцијата на националистите во нивните редови. Курти и Вучиќ мораат да ги надминат личните и политички несогласувања. А ЕУ прво треба да ја ревитализира стратегијата за прием на Западен Балкан. Колку подолго трае косовскиот спор и државите од регионот останат надвор од ЕУ, толку е поголема опасноста од катастрофална дестабилизиација на Југоисточна Европа – заклучува Глени.