Јавноста се прашува дали на обуката ќе присуствуваат сите српски државјани што ја пропуштиле од 2011 година
СРБИЈА ГО ВРАЌА ВОЕНИОТ РОК
Александар Вучиќ и неодамна формираната, цели седум месеци по изборите, нова српска влада, која сè уште не се ни разработила, веќе најавуваат повторно воведување задолжителен воен рок, редовни повици во резерва, па дури и дека резервистите над 30 години „по домовите“ ќе ги задолжуваат со пушка. Тоа на ТВ Блиц го соопшти новиот министер за одбрана и вицепремиер Милош Вучевиќ, еден од најблиските соработници на Вучиќ.
Да потсетиме, претседателот Вучиќ веќе најави дека за година-година и половина, актуелната премиерка Ана Брнабиќ ќе му ја предаде премиерската палка токму на Вучевиќ (доколку Вучиќ не се одлучи за нови предвремени избори). Милош Вучевиќ најави дека сѐ уште не се знае колку ќе трае воениот рок, односно обуката – три недели, три месеци или некаков друг период.
Но сите тие 12, 13 генерации од 2011 година, кога во Србија беше укината задолжителната воена служба, исто така ќе мораат да поминат обука, бидејќи, како што вели Вучевиќ, многу од нив се „воено неспособни“ и не знаат да „облечат униформа“, ниту да користат оружје. Вучевиќ најави „експертска дискусија“ за враќањето на воениот рок и потврди дека тоа „апсолутно ќе се врати“.
Идејата за враќање на воениот рок почна да се споменува во 2020 година, поради фактот што Србија е практично опкружена со земји од НАТО. Имено, Србија граничи со осум земји, од кои шест се членки на НАТО – Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора, а во Косово, кое формално не е членка на Организацијата на Северноатлантскиот договор, постои една од најголемите американски бази во Европа, Бондстил.
Само БиХ не е во НАТО, иако тоа е стратегиски интерес на Сараево. Србија инсистира на својата воена неутралност и го отфрла членството во НАТО, но постојано се вооружува. Како една од причините за повторното воведување на воениот рок, Вучевиќ ја наведува „намерата Косово да формира свои вооружени сили“, иако сè уште нема право на тоа.
Српскиот министер за одбрана најави зголемување на платите за 25 отсто за сите вработени во армијата, а наведе и низа други поволности што ќе ги добиваат припадниците на армијата, но и оние што редовно се јавуваат на повиците за воени вежби. Покрај облека, обувки, храна и сместување, припадник на вооружените сили на Србија би добил и поповолни услови при купување стан или подигање станбен кредит.
Сите резервисти што би се пријавиле редовно на воени вежби би имале „приоритет при вработување“ и приоритет при запишување на децата во градинка.
– На тој начин би ги стимулирале луѓето да се вклучат во државниот одбранбен систем – вели Вучевиќ.
Како и да е, се чини дека Србите очекуваат повторно да служат војска.