Самит на Берлинскиот процес

Вчера во Берлин се одржа самит на Берлинскиот процес, на кој учествуваа лидерите на шесте земји од Западен Балкан, како и високи претставници на влади од земјите на Европската Унија и Обединетото Кралство. Премиерот Димитар Ковачевски ја предводеше македонската делегација, во која беа и министрите Бојан Маричиќ и Бујар Османи.
Во рамките на самитот, лидерите од земјите од Западен Балкан потпишаа три регионални договори за мобилност. Договорите се однесуваат на заемно признавање на високообразовните квалификации во земјите од Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.
Потпишувањето на овие меѓународни договори треба да ја зајакне соработката помеѓу Македонија, Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебното признавање на професионалните квалификации, слободното движење на луѓето и стоките и треба да придонесе за забрзан регионален економски раст и развој. Токму ова се и основните цели и фокусот на Берлинскиот процес, кој се реализира со поддршка на Европската комисија, а се во насока на унапредување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан, оценуваат од македонската делегација.
Посебно внимание предизвика објавата на Твитер на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, непосредно пред почетокот на самитот. Тука сме за да ја продлабочиме нашата економска интеграција, започнувајќи од енергијата, напиша таа, а во објавата прикачи заедничка фотографија со учесниците на самитот.
– Добро е што ги видов сите партнери од Западен Балкан во Берлин, една недела по мојата посета на регионот. Тука сме за да ја продлабочиме нашата економска интеграција, почнувајќи со енергијата. Нашиот пакет за енергетска поддршка од една милијарда евра за Западен Балкан ќе ни помогне да ја обликуваме нашата заедничка енергетска иднина – пишува Фон дер Лејен на Твитер.

На самитот прв зборуваше домаќинот, германскиот канцелар Олаф Шолц, кој истакна дека сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и дека заедничка работа на Европската Унија и на регионот е да ја претворат ветената европска иднина во реалност. Германскиот канцелар рече дека средбата е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан, притоа изразувајќи уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот туку и да го забрза неговиот пат кон ЕУ.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа конференцијата за Западен Балкан. Целта на процесот е да се забрзаат соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ. Но самиот „процес“ не доби многу приврзаници во јавноста, туку напротив, трпеше голем број критики, главно дека не носи ништо друго за Западен Балкан, освен можност за заедничко фотографирање за политичарите. Токму затоа, очекувањата од вчерашниот собир дека може да донесе промени беа големи, особено во германската јавност.
Така, на пример, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, со многу оптимизам го најави самитот, како и потпишувањето на договорот за меѓународно признавање на личните карти, како и факултетските и стручните дипломи меѓу шест членки на Западен Балкан.

Самиот чин, таа го нарече историски, пред сѐ поради фактот што меѓу земјите потписнички се и Србија и Косово, кои како држави не се признаваат меѓусебно. Се разбира, она што беше особено важно за Германците беше фактот дека тоа е пред сѐ успех на германската дипломатија. Во рамките на потенцирањето на новиот курс на новата германска влада кон Западен Балкан е и тоа што канцеларот Олаф Шолц уште веќе во првите месеци на функцијата разговараше со сите шефови на влади и држави во регионот, кој во меѓувреме и го посети. Познавачите на состојбите, во тој контекст ја потенцираат и улогата на специјалниот германски претставник во регионот, Мануел Сарацин, кој одржува редовни контакти со сите заинтересирани страни, како и „многу фокусираниот пристап изграден на мали, но спроведливи чекори“.
Во секој случај, како најзначаен резултат од конференцијата може да се протолкува прашањето за зацврстување на заедничкиот пазар. Потпишаните договори би можеле во добра мера да придонесат за остварување на една од главните цели, а тоа е формирање заеднички западнобалкански пазар со цел – подобро поврзување со европскиот. Се разбира и досега јавноста била сведок на голем број потпишани договори и спогодби, некои и со најдобри намери. Токму затоа, клучната дилема е колку и како ќе се спроведуваат овие договори потпишани вчера во Берлин.