Македонија не е јадна, туку е национална држава на тој народ. Ова за што сега зборуваме се внатрешни политички прашања на Бугарија и на Македонија, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со Радев

Хрватска: Бугарскиот претседател во официјална посета на хрватскиот шеф на државата

Прашањето меѓу Македонија и Бугарија е внатрешно политичко прашање меѓу тие две земји, рече вчера хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничка-прес конференција со бугарскиот претседател Румен Радев, кој е во официјална посета на Хрватска.
-Се работи за едно чувство дека е јадна таа држава, која самата за себе миси дека не може да функционира надвор од Европската Унија. Македонија не е јадна, туку е национална држава на тој народ. Ова за што сега зборуваме се внатрешни политички прашања на Бугарија и на Македонија – рече Милановиќ.
– Очигледно е дека се работи за интимен политички простор и на Бугарија и на Бугарите, како и на Македонците. Но зошто велам дека тоа е внатрешно политичко прашање? Власта во Македонија, која дојде неодамна, значи и претседателката и премиерот се од иста политичка групација и цврсто ја држат власта, очигледно не сакаат да направат некои компромиси. Додека проценуваат дека тоа не ја загрозува позицијата на државата, дека таа и натаму е цврста, тоа е само нивна одлука – рече Милановиќ.
Брисел ја навредува Македонија со тоа што ја става зад Украина во процесот на ЕУ-интеграциите

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ нагласи дека е „дрска навреда да се каже дека Украина е најблиску до членство во ЕУ, пред Црна Гора и пред Македонија“.
– Ми се чини сè поверојатно дека овој цинизам и дрскост на одредени европски структури е незапирлив. Овие луѓе се чини дека се опседнати со Украина и како тоа да е нивниот начин да останат на власт. Украина е земја во војна, без јасно дефинирана територија, која не е во можност да се финансира сама. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон овие земји. Тоа е неправедно и нехумано, ние ја уништуваме таа земја – рече Милановиќ на заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев.
Радев, во обид да реплицира, рече дека Бугарија не поставува дополнителни услови за Македонија, туку бара да се исполни договореното, да се заштитат правата на бугарското малцинство со уставни измени. Според Радев, Македонија самата се сопира на патот кон ЕУ.

Ангел Митревски, наш соработник од Хрватска