Албанија

Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, изјави дека „депопулацијата е национална рана“, за што како главен виновник го посочи премиерот Еди Рама, кој, според него, прави сѐ за „Албанците, особено младите да ја напуштаат земјата“.
– Депопулацијата е голема рана што ја трпи Албанија денес, како резултат на еден премиер што прави сѐ за Албанците, а особено младите, да бегаат од земјава. Мора да ѝ ставиме крај на оваа драма, не сакаме празна Албанија – рече Мета, кому петгодишниот претседателски мандат му заврши на 24 јули минатата година. Тој порача дека „Партијата на слободата има национална мисија и голема обврска да ѝ стави крај на драмата на депопулација“.
– Сакаме и решени сме да ѝ ставиме крај на драмата на депопулација. Ова е национална мисија и голема обврска што ја имаме кон идните генерации. Веќе не сакаме Албанија со празни градови и преполни чамци, туку Албанија во која градовите ќе бидат преполни со народ и добро развиени и каде што младите ќе ја градат иднината – посочи тој.
Според неодамнешен извештај на Евростат, од 2014 до крајот на 2022 година 934 илјади албански граѓани заминале во некоја земја-членка на ЕУ, што е повеќе од 33 отсто од населението. Доколку се додадат и оние што заминале во земји што не се членки на ЕУ, овој процент достигнува најмалку 35 отсто за период од осум години.

Подготвил: Mарјан Велевски