Босна и Херцеговина
Во авторски тест напишан по повод 30 Август, Меѓународен ден на исчезнати лица, специјалните претставници на владите на Германија и на Велика Британија за Западен Балкан, Мануел Саразин и сер Стјуарт Пич, предупредија дека моменталната состојба во Босна и Херцеговина претставува најсериозна криза во земјата од 1995 година. Ваквиот заклучок тие го поткрепуваат со сознанието дека реформите не се спроведуваат, а плановите за нејзина поделба се сè поизразени. Наедно, тие додаваат дека политичари во Република Српска отворено спроведуваат политика за отцепување, додека други се закануваат со „територијална реорганизација“, со тоа, според нивно мислење, се загрозува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина како држава.
Политичките и безбедносни темели на мирот во Босна и Херцеговина мора да се зачуваат. Канцеларијата на високиот претставник продолжува да има важна улога во тој поглед, како и операцијата на ЕУФОР, Алтеа, и НАТО – наведуваат авторите на текстот.
Навраќајќи се на поводот за обраќањето, двајцата високи претставници потенцираа дека „денеска, повеќе од кога било, на одбележувањето на Денот на исчезнатите лица, не смеат да бидат заборавени трагедиите и стравовите што ги претрпеа луѓето низ Балканот во 90-тите години од минатиот век, кога Европа сведочеше на првиот оружен конфликт од Втората светска војна, а геноцидот и воените злосторства оставија длабоки лузни во целиот регион“.
Зборови на укор и опомена дојдоа и од делегацијата на Европската Унија во БиХ. Оттаму опоменуваат дека политичката нестабилност во земјата е ризик за идни вложувања на Унијата во инфраструктурата на БиХ. Притоа се додава дека ЕУ и нејзините држави се најголем и најлојален извор за финансирање на БиХ, наедно и најголем трговски партнер и инвеститор.
За состојбите во земјата сведочи и одлуката на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина да ја усвои иницијатива на најголемата српска и хрватска партија – СНСД и ХДЗ – со која се бара Советот на министри на БиХ да почне постапка за смена на министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ. Како причини за смената се истакнати непрофесионализмот и дејствувањето без усогласување со релевантните државни фактори.
До иницијативата за смена на министерката дојде откако српскиот член на Претседателството на БиХ и претседател на СНСД, Милорад Додик, претходно најави дека ќе бара смена на Турковиќ. Додик остро реагираше на демаршот што во Министерството за надворешни работи на Израел и амбасадата на таа земја во Тирана самоиницијативно го испратила Турковиќ.