Косовскиот премиер Албин Курти вели дека постои можност од избувнување нова војна во Косово, имајќи предвид дека Србија продолжува да ја снабдува својата војска со оружје од Русија и Кина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“, што го пренесуваат косовските медиуми, Курти вели дека „би било неодговорно да се каже дека никогаш повеќе нема да има конфликт и војна“.
– Доколку нема подготовки за војна, зошто минатата година Србија и Русија одржаа 104 заеднички воени вежби (на српска територија) од 91 колку што имаа најавено и во исто време ги изведоа двете најголеми вежби, насловени „Славјански штит“ и „Славјанско братство“ – изјави Курти.
Одговарајќи на прашањето за неговото спротивставување на формирањето на Заедница на српски општини во Косово, Курти рече дека тоа би претставувало „вовед во создавањето на една нова Република Српска“ во регионот.
Според косовскиот премиер, најопасна работа моментно е тоа што „раководството на Србија ја смета Русија за своја мајка“.
За можноста од нов конфликт во Косово и во регионот, Курти предупреди и во интервјуто што минатиот месец го даде за „Ла Република“, посочувајќи ги врските на официјален Белград, на чело со претседателот Александар Вучиќ со режимот во Москва, предводен од Владимир Путин.
– Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата – изјави Курти за италијанскиот весник во август годинава.