Изборите во неделата беа петти парламентарни избори во Бугарија во изминатите две години и се одржаа во атмосфера што се карактеризира со широкораспространето незадоволство против политичките елити што многумина ги сметаат за неподготвени сериозно да се зафатат со корупцијата и економските реформи. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бугарија и по овие избори нема да добие функционално парламентарно мнозинство, што ќе ги загрози амбициите на земјата да ѝ се приклучи на еврозоната во блиска иднина. Парламентарните избори во Бугарија завршија со победа на коалицијата ГЕРБ-СДС, предводена од Бојко Борисов, која оствари сосема мала предност пред либералната листа предводена од Кирил Петков
Петти парламентарни избори во Бугарија за две години
Шест партии ќе влезат во новиот, 49-ти парламент во Бугарија, но, според досегашното искуство, ќе биде исклучително тешко да се состави влада. Според Евелина Славкова, аналитичарка од Тренд, цитирана од БТА, ова е најлошото можно сценарио: „Колку се потесни резултатите, толку потешко ќе биде да се формира стабилна влада“.
Ваквите изјави, како што пренесуваат најголемиот број странски медиуми што внимателно ја следат состојбата, само ги отсликуваат стравувањата од континуирана политичка нестабилност во балканската земја со 6,5 милиони жители, кои опстојуваат и по петите последователни избори. Скапата политичка криза е без преседан од крајот на комунизмот во 1990 година. Од падот на Бојко Борисов по една деценија на власт, различните партии не успеаја да формираат трајна коалиција.
Со 99,5 отсто од преброените гласови, ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов има мала, но сепак значајна предност пред реформаторската коалиција на Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија. ГЕРБ освои 26,54 отсто, а коалицијата ПП-ДБ 24,61. Во пратенички мандати тоа изнесува 69 за ГЕРБ и 64 за ПП-ДБ.
Централната изборна комисија соопшти дека трета партија е националистичката и проруска Преродба, со 14,19 отсто (37 мандати), потоа партијата на Турците, Движењето за права и слободи (ДПС), со 13,55 (35 мандати), па социјалистите од БСП, со 8,96 (24 мандати). Како најнеочекуван резултат од изборите е преминувањето на прагот од страна на Има таков народ – 4,12 отсто (11 мандати).
Изборите во неделата беа петти парламентарни избори во Бугарија во изминатите две години и се одржаа во атмосфера што се карактеризира со широкораспространето незадоволство против политичките елити што многумина ги сметаат за неподготвени сериозно да се зафатат со корупцијата и економските реформи. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бугарија и по овие избори нема да добие функционално парламентарно мнозинство, што ќе ги загрози амбициите на земјата да ѝ се приклучи на еврозоната во блиска иднина и ефикасно да ја искористи помошта на Европската Унија за да закрепне од последиците од пандемијата на ковид-19, пренесува Ројтерс.
– Без разлика кој ќе победи, големото прашање ќе остане нерешено – какви се изгледите за формирање нова влада. Јасно е дека во моментов нема политичка сила што има не само апсолутно мнозинство, туку доволно голема предност за формирање влада – оценува Геновева Петрова од агенцијата „Алфа рисрч“.
Иако сè уште нема официјални резултати од изборите во Бугарија, сепак, податоците од Централната изборна комисија покажуваат дека своето право на глас во земјава го искористиле 453 лица што се чувствуваат како Бугари. Според овие податоци, најмногу се гласало во Скопје, каде што граѓанското право го искористиле 185 лица. Потоа во Струмица со 64 гласачи, Битола – 55, Прилеп – 39, Кавадарци – 36 и во Тетово – осум лица.