Фото: Пексел

Србија

Србија во следните две години ќе инвестира 100 милиони евра во развој на вештачка интелигенција (ВИ). Рамката за ваквиот потфат треба да ја обезбеди новата стратегија за развој на вештачката интелигенција до 2030 година, која ќе биде еден од приоритетите на новата влада, заедно со придружниот акциски план. Целта е Србија да се рангира меѓу лидерите во регионот во оваа област, беше соопштено на седницата на Националната алијанса за локален економски развој (НАЛЕД) за е-влада.
Според Стефан Баџа, раководител на тимот за специјални проекти во кабинетот на премиерот, фокусот на работата на новата стратегија е да се обезбедат пофлексибилна регулатива и олеснување за компаниите што сакаат да имплементираат иновации. Тој потсети дека во текот на 2023 година беше отворено прашањето за законодавната активност во оваа област и беа донесени етички насоки за развој на вештачката интелигенција во соработка со НАЛЕД.
– Во текот на годинава ќе почнеме да работиме на изработка на законот, следејќи ги активностите на ЕУ, односно донесувањето на регулативата за вештачка интелигенција, што се очекува во април. До крајот на 2026 година, планот е да се инвестираат 30 милиони евра за уште еден суперкомпјутер, кој ќе биде бесплатен за истражувачи и стартапи, 20 милиони евра за софтвер за јавниот сектор, пред сѐ за здравството, енергијата и транспортот, како и 30 милиони евра за стимулации за развој на вештачка интелигенција. Дополнително ќе инвестираме во стартапи, бидејќи една четвртина од нив развиваат решенија за вештачка интелигенција – рече Баџа и ги повика заинтересираните страни да се вклучат во работата на изработката на новата стратегија, за до крајот на годината Србија да има предлог-акт што ја регулира оваа област.
Првата стратегија за развој на вештачката интелигенција во Србија беше донесена во 2019 година и со тоа стана првата земја во Југоисточна Европа и 26-та во светот што има ваков документ.
– НАЛЕД ќе биде дел од работната група за развој на нова стратегија – изјави Драгана Илиќ, претседателка на Алијансата за е-влада и директорка за корпоративни работи во компанијата ЦЕТИН.
Таа посочи дека предуслов за користење на вештачката интелигенција е достапноста на широкопојасен интернет, што ќе биде во фокусот годинава.

– Драго ни е што Србија презеде важни чекори кон развојот на вештачката интелигенција. Меѓу најважните приоритети на Алијансата за оваа година се понатамошен развој на е-услугите, подобрување на регулаторната рамка за развој на дигиталната инфраструктура и 5Г-технологијата, подобрување на заштитата, отворање и повторна употреба на податоци преку развој на вештачка интелигенција и концепт на паметни градови – рече Илиќ.
Дубравко Ќулибрк, директор на Институтот за вештачка интелигенција, ги презентираше активностите и тековните проекти на кои работи оваа институција. Според него, визијата на институтот е да стане центар на извонредност, кој развива експерти во областа на примената на вештачката интелигенција и придонесува за создавање економија базирана на знаење.
Србија во 2022 година стана дел од Глобалното партнерство за вештачка интелигенција и е една од ретките членки од групата земји во развој, а во 2023 година беше членка и на Алијансата за управување со вештачка интелигенција на Светскиот економски форум.
Според Индексот на подготвеност за вештачка интелигенција за 2023 година, Србија е на 57-то место од 193 рангирани земји, како лидер во регионот, пред Хрватска (70), Црна Гора (78), Македонија (83), Албанија (89) и Босна и Херцеговина (117).