Откако пред извесен период сериозно беа загрозени комуникациските системи во Албанија и во Црна Гора, а во Македонија неколку министерства и владини агенции станаа жртви на хакерски напади, вчера и Регистарот на национални интернет-домени на Србија (РНИДС) потврди дека некои од давателите на интернет-услуги во Србија се под хакерски напади.
Како што објавија тамошните медиуми, се случил ДДоС-напад на многу точки на интернет-инфраструктурата во Србија, вклучувајќи и на делови од мрежата што се вклучени во работењето на доменот.рс.
Поради технички проблем со кој се соочуваат одредени даватели на интернет-услуги во Србија, отежнат е и пристапот до системот за регистрирање национални домени, соопшти Регистарот на национални интернет-домени на Србија. Тие наведуваат дека одреден број корисници имаат тешкотии или бавен пристап до системот за регистрација на домени.
– Заедно со давателите на услуги што беа нападнати работиме на отстранување на проблемот и очекуваме решение во најкраток можен рок. Повеќе информации за причината ќе бидат објавени откако ќе бидат познати деталите – соопшти РНИДС.