Фото: Игор Бансколиев

Владата на јужниот сосед прави обиди да ја смири инфлацијата за своите граѓани

Супермаркетите во Грција ќе воведат таканаречената „кошница за домаќинствата“ со конкретни производи на кои ќе треба цените или да останат непроменети или да има минимално покачување.
Притоа, според грчките медиуми, во „кошницата“ ќе треба да се застапени, меѓу другото, основни прехранбени продукти, производи за лична хигиена, средства за чистење, производи за бебиња и за домашни миленици.
Поради инфлацијата, конкретната иницијатива на Министерството за развој и инвестиции на Грција беше договорена на минатонеделната средба на надлежниот министер со претставниците на големите супермаркети. Не станува збор за замрзнување на цените, туку за обид на супермаркетите да се задржат цените на производите неопходни за домаќинствата на што е можно пониско ниво и евентуалните зголемувања да бидат минимални.

Според грчките медиуми, „кошницата за домаќинствата“ содржи 31 категорија со 50 производи, меѓу кои и: ориз, леб, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко, јогурт, сирење и кашкавал, масло за јадење, шеќер, кафе, чај, какао, вода, сокови, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн. Во кошницата ќе бидат вклучени само конкретните производи и од конкретни категории и марки, кои дополнително секој од супермаркетите ќе ги одреди.
Министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис, рече дека листата со производи ќе биде испратена до супермаркетите, а во следните две седмици кошницата ќе биде достапна за потрошувачите.
– „Кошницата за домаќинствата“ ќе има 50 категории производи, ќе видиме како ќе функционира и тука сме, доколку е потребно, да направиме каква било корекција. Сигурен сум дека ова што го правиме ќе функционира и ќе биде модел и за другите земји во Европа – рече Георгиадис во интервјуто за грчката телевизија Скај.