Претседателот на Србија, Александар Вучиќ бил револтиран од пораката на портпаролот на Европската комисија, Петер Стано и подготвува одговор „без влакна на јазикот“ - Фото: Емил Јовановиќ

СЕ ЗАОСТРУВААТ РЕТОРИКАТА И ПРИТИСОКОТ НА ЕУ КОН СРБИЈА

Србија се најде на удар на Европската Унија поради документ што го потпишаа шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, и српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, во Њујорк. Официјален Белград подготвува одлучен одговор на обвинувањата, а американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, тврди дека го видел документот и дека „во него нема многу нешта“. Што точно, тогаш, му пречи на Брисел за да ги заостри реториката и притисокот кон Србија?

Подготвил: Mарјан Велевски

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, и српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, потпишаа во петокот, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, документ наречен План за консултации.
Ваквиот чин предизвика сериозна реакција од Европската Унија, која ја осуди одлуката на Србија да одржува надворешнополитички консултации со Русија, наведувајќи дека тоа отвора прашања во момент кога Брисел јасно им порача на државите што сакаат да влезат во Унијата да не ги одржуваат вообичаените врски со Москва.
Во разговор за новинарите во Брисел, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, истакна дека руско-српскиот документ за консултации е потпишан само неколку дена откако Москва најави мобилизација за војната во Украина и почна референдуми за припојување на териториите што ги зазеде во таа земја.
Според Стано, договорот меѓу Србија и Русија е „многу јасен знак за нивните намери да ги зајакнат врските. А тоа отвора сериозни прашања.

ЕУ јасно им даде до знаење на државите што сакаат да влезат во блокот дека односите со Русија во сегашните околности не можат да бидат вообичаени. Србија го прогласи влегувањето во ЕУ како стратегиски приоритет, што значи усогласување со европските политики, вклучувајќи ги и политичките теми. Тоа го сфаќаме сериозно и го следиме – додаде тој.

Вучиќ најави решителен и жесток одговор на бриселската администрација

Од своја страна, српскиот министер Селаковиќ кажа дека планот предвидува консултации за билатералните и мултилатералните активности, иако не содржи ништо за безбедносните политики.

Во соопштение, српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин го опиша меморандумот што беше потпишан со Русија како „технички документ“ и кажа дека претставниците на ЕУ „не сакаат да му дозволат на српскиот претседател Александар Вучиќ да води независна политика“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави решителен и жесток одговор на бриселската администрација во име на Србија. Српските медиуми пренесуваат дека одговорот ќе ѝ го соопшти на јавноста најдоцна во рок од 72 часа.

Според „Новости“, шефот на српската држава бил шокиран и вџашен по изјавата на портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, творецот на синтагмата за „одговорност од двете страни“ во случаите кога албански специјалци од РОСУ пукаат во невооружени Срби на Косово, а кој денес ѝ порача на Србија дека е „под надзор на ЕУ“ поради потпишувањето на формалниот план за консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Србија и Русија, кој во петокот беше потпишан во Њујорк.
Претседателот на Србија, како што пишува „Новости“, бил револтиран од пораката на Стано и подготвува одговор „без влакна на јазикот“, особено поради тоа што портпаролот на ЕК молчел кога албански екстремисти неодамна се обидоа да убијат српско момче во Бабин Мост или кога во четвртокот 30 вооружени припадници на косовските безбедносни сили упаднаа на северот на Косово, во општината Зубин Поток.

Стано го премолчи тоа, но не ја пропушти шансата да ѝ се закани на Србија поради техничкиот план за состаноци на српскиот и рускиот министер за надворешни работи, во кој нема ниту една ставка што се однесува на безбедноста – коментира српскиот весник.

Кристофер Хил го видел Планот за консултации и се изјасни во врска со него

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, за српските медиуми изјави дека го видел Планот за консултации потпишан од министрите за надворешни работи на Србија и на Русија.

Го видов планот, нема многу нешта во него. Прашањето е зошто Русија го сакаше тоа и очигледно Русија го сакаше планот да ја оправда својата војна во Украина. Тие сакаат да создадат привид дека е можно да се има нормални односи со нив. Однесувањето на Русија беше осудено од сите, и во САД, и во Индија, дури и Кина ги критикуваше, никој не ги поддржува во овој напор. Прашањето е зошто би добиле потврда од некој за она што му го направиле на својот сосед – рече Хил.

На прашањето зошто Вашингтон побарал објаснување од официјален Белград за потпишаниот документ, американскиот амбасадор одговори дека Србија има право на своја надворешна политика, но и дека САД имаат право да бидат јасни што мислат за одредени одлуки. Тој потсетува дека суштината на целата прва недела од заседанието на Генералното собрание на ОН била „околу нападот на Русија врз соседот“, што, како што рече, сите го осудија, на што се приклучи и Србија.

Меѓутоа, многу бевме изненадени кога на крајот на неделата, откако веќе тоа беше направено, дознавме дека Србија и Русија потпишале некаков договор. Немавме поим за што всушност станува збор. Но она што го знаеме е дека потпишувањето на договорот со земја како Русија, во една ваква недела, беше невообичаено, па побаравме објаснување – рече Хил.

Тој го образложи и ставот дека никој не треба да потпишува ништо со Русија, наведувајќи дека во дипломатијата „има гранични ситуации кога едната страна верува во едно, а другата во друго“.

На прашањето дали има простор земјата да остане неутрална и дали Србија има право да води своја надворешна политика, Хил посочи дека Србија има право да ја води својата надворешна политика, но и дека САД имаат право јасно да кажат што мислат за одредени одлуки и дека во овој случај „Русија се однесува на ужасен начин и никој не треба да стои настрана и да каже дека е во ред една земја да ѝ прави такво нешто на друга“.