фото: Пекселс

Босна и Херцеговина

Нови превирања во Босна и Херцеговина, овој пат предизвикани од најавата за изградба на аеродром. Имено, иако идејата за изградба на аеродром во Требиње е постара од изградбата на аеродромот во Дубровник, најавата дека проектот би можел да се реализира ги вознемири духовите во БиХ. Радио Сараево ја објаснува ситуацијата со тоа дека скептицизмот, наводно, е предизвикан од некаков минатогодишен таен договор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Како продолжение на таквиот чин, на четвртиот ден од руската интервенција во Украина, пишува овој медиум, рускиот министер за надворешни работи го повикал лидерот на Српска, Милорад Додик, кому му наредил да започне со реализација на договорените проекти.
Приказната ја дополнува Ал џезира, која пред неколку месеци тврдеше дека српската влада побарала контролата на воздушниот простор над Требиње да ја преземе Агенцијата за контрола на воздушниот сообраќај на БиХ или СМАТСА (Агенција за контрола на Србија и Црна Гора, во која Србија има 93 проценти сопственост). Носител на оваа државна инвестиција треба да биде компанијата „Аеродром Србија“, која инаку стопанисува со аеродромите во Ниш и во Краљево, кои, според Ал џезира, заедно бележат помал годишен патнички сообраќај отколку што месечно има аеродромот во Сплит.
Србија подготви 70 милиони евра за изградба и уште 35 милиони евра за опремување на аеродромот Требиње во БиХ, пишува порталот Радио Сараево.
Владата на Србија како инвеститор бара пистата во Требиње да биде долга 3.500 метри. Тоа е еднакво на должината на пистата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, а неколку метри пократко од аеродромот во Софија. Така, аеродромот во малото требинско село Талежа не би имал конкуренција во радиус од 500 километри авионска линија.
Проблемот, понатаму анализира Радио Сараево, е што областа над Требиње, поради пристапните маршрути на аеродромот во Дубровник, е под контрола на хрватската служба за воздухопловна навигација.
„Слободна Далмација“ повторува дека проектот сега влезе во нова фаза на имплементација и дека Советот на министри на БиХ ја одобри изградбата на почетокот на април и донесе одлука, со која дел од царинската територија на Босна и Херцеговина се дефинира како „слободна зона Требиње“, прв од ваков вид во БиХ, во ентитетот Република Српска.
Сараево и Загреб велат дека не сакаат да ја оспорат потребата на Требиње за аеродром, но велат дека планираната скала значи само едно – дека Србија ќе изгради уште една руска база во РС (БиХ), која веќе работи во Ниш под маската на „Руско-српски хуманитарен центар“.