Во регионот зголемен бројот на новозаболени од ковид
Зголемениот број новозаразени лица од коронавирусот не ги принуди здравствените власти во земјите од регионот да ги заострат протоколите на граничните премини, при транзит или влез на граѓани од други држави. Неколку земји од Европа, како Црна Гора, се вратија на прописите за задолжително носење маски во затворен простор, а во Србија е во сила мерката за носење маски во здравствените институции, но се забранети посети на пациентите. Поради летната туристичка сезона, земјите што имаат развиен туристички сектор избегнуваат да воведуваат поостар режим на движење на патниците и на луѓето.
Во Србија на дневно ниво се регистрираат по седум илјади заразени лица од коронавирусот, но епидемиолозите не препорачаа ограничување на движењето на луѓето. Причина за тоа е што заболените од ковид во овој период од годината имаат послаби симптоми, за разлика од пред неколку месеци, кога сојот делта посериозно влијаеше на здравјето на луѓето.
Здравствениот билтен во Црна Гора покажа дека во последното деноноќие починале две лица, а биле регистрирани 874 нови случаи на инфекции. Новозаболените најмногу се во главниот град Подгорица, со 282 заболени лица, а потоа следуваат туристичките места како што се Бар, Будва, Херцег Нови, Улцињ, Котор. Бројот на позитивни случаи во вкупниот број на тестирани лица, во средата, изнесувал 37,28 отсто.
Бројот на активни случаи во Хрватска изнесува 9.749, а од нив 607 пациенти се на болничко лекување, додека 21 пациент се на респиратор. Во оваа земја во последните 24 часа се забележани 1.486 нови заразени лица со коронавирус, а починале 15 луѓе, информираа во четвртокот од Националниот штаб за цивилна заштита. Во самоизолација се наоѓаат околу пет илјади граѓани.
Во Србија, најдоминантни случаи се од подвидот на омикрон БА 4 и БА 5, кои брзо се шират, а едно лице може да инфицира од 15 до 20 лица. Олеснителна околност е тоа што бројот на новозаболени не го следи и бројот на хоспитализирани лица. Во болниците во Србија се примени 651 пациент со ковид-симптоми.
Вирологот Ана Глигиќ вели дека има голема разлика меѓу овој летен бран, кој е од подваријантата на омикрон и бранот што беше предизвикан од сојот делта.
– Делта има огромен потенцијал и многу луѓе поминаа низ сериозни здравствени компликации. Вакцинацијата помогна да нема полоши исходи. Сега вирусот е многу ослабен, не предизвикува компликации кај заболените и не ги полни болниците – изјави Глигиќ за Еуроњуз – Србија.
Во моментов во Македонија се активни 4.139 случаи на коронавирус, од кои 1.749 се во Скопје. Во согласност со завчерашната ковид-статистика, направени се 1.890 тестови, а регистрирани се 844 нови случаи на ковид-19, од кои 188 се реинфекции. Оздравени се 851 пациент, а пријавени се три починати лица од Скопје, на возраст од 72, 76 и 83 години, сите во болнички услови. Комисијата за заразни болести вчера одржа состанок на кој ја разгледа актуелната епидемиолошка состојба со ковид-19.
Здравствените власти во Грција, пак, велат дека нивната намера е да не воведуваат мерки што би биле задолжителни и оти сѐ ќе зависи од ситуацијата наесен, но тие сакаат ковид-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде што нема да има потреба од строги или задолжителни мерки“.
Во однос на текот на пандемијата во земјата, министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, истакна дека во овој момент постои стабилизирање на новиот бран, кој зеде замав во јуни и јули, и оцени дека во следните седмици ќе има пад на бројот на заразени.
– Очекуваме дека од септември веројатно ќе има нов бран, исто како што досега функционираше пандемијата, но единствената разлика што ја имаме во споредба со претходниот период е што имаме имунизациска покриеност на населението и имаме антивирусни лекови за широка употреба – објасни Плеврис.
Грчкиот министер најави дека средината на август може да биде фазата на одобрување на вакцините што се ажурирани за сојот омикрон, а малку подоцна ќе ги вклучат и варијантите четири и пет, кои сега доминираат.
Подготвил: Митко Јовановски