Статистиката на Европската Унија покажува дека просечната годишна нето-плата за вработените што работеле со полно работно време на ниво на Унијата во 2021 година изнесувала 33.500 евра. Тоа е речиси трипати повеќе од 11.225 евра што просечниот работник може да ги заработи во Хрватска за една година, покажуваат мерењата на Евростат. Според пресметките, пак, на агенцијата „Пик џобс“, Хрватска во 2022 година ја надминала бројката од 100.000 работни дозволи за странски работници! Имено, повеќето од нив се работници од соседните Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово. Предничат работниците во туризмот и угостителството и работниците во градежништвото
Хрватското Национално биро за статистика ги објави најновите податоци за платите на граѓаните
Податоците што неодамна ги обелодени Националното биро за статистика во својот редовен извештај фрлаат ново светло на состојбите во Хрватска, особено кога тие се анализираат во контекст на поблиското и подалечното опкружување. Па, така, и покрај на моменти поинаквото мислење кај добар дел од хрватските граѓани, сепак, просечната исплатена нето-плата по вработен во Хрватска во ноември минатата година изнесувала 1.038 евра, а во исто време таа била значително помала во соседните земји.
Малото истражување што го спроведовме со помош на медиумите од соседните земји во некогашната федерација покажува дека во Македонија во ноември 2022 просечната плата била 535 евра, во Босна и Херцеговина 599 евра, во Србија 641 евро, а во Црна Гора изнесувала 721 евро.
Се разбира, ако се погледне на другата страна и се направи споредба со другите земји од Европската Унија, Хрватска пред една година беше поблиску до дното на листата на просечни примања во Унијата, отколку до врвот. Со просечна месечна плата од 935,44 евра, Хрватска беше само пред Бугарија, Унгарија, Романија, Полска, Грција и Словачка, покажуваат податоците на Евростат.
Статистиката на Европската Унија покажува дека просечната годишна нето-плата за вработените што работеле со полно работно време на ниво на Унијата во 2021 година изнесувала 33.500 евра. Тоа е речиси трипати повеќе од 11.225 евра што просечниот работник може да ги заработи во Хрватска за една година, покажуваат мерењата на Евростат. На самиот врв на највисоките просечни плати во ЕУ за 2021 година се најде Луксембург, со 72.200 евра годишно.
Хрватска одлична шанса за заработка на граѓаните од регионов
Тоа се статистичките показатели што ја прикажуваат Хрватска на ниво на ЕУ, но сепак останува податокот дека земјата и натаму е во многу поповолна позиција од добар дел од своите поблиски и подалечни соседи. Тоа истовремено значи дека и со толку низок стандард, споредено со богатите членки на ЕУ, Хрватска и натаму останува одлична можност за граѓаните од соседните земји.
Најдобра потврда за ова се пресметките на агенцијата „Пик џобс“, според кои Хрватска во 2022 година ја надминала бројката од 100.000 работни дозволи за странски работници. Повеќето од нив се работници од соседните Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово. Предничат работниците во туризмот и угостителството и работниците во градежништвото.
Многумина експерти се обидуваат да ги анализираат сите овие бројки и податоци за да се добие појасна слика за она што навистина се случува во Хрватска, но и за да се утврдат натамошните чекори што треба да ги преземе државата. Притоа, се укажува дека од независноста во 1991 година, државата мина низ тежок период на војна, како и транзиција од социјализам во парламентарна демократија, одбележана со корупција, непотизам, лоша приватизација… Сепак, и покрај сите тешкотии, успеа да ги постигне сите свои надворешнополитички цели: од 2009 година е членка на НАТО, најголемата воена алијанса во светот, и членка на Европската Унија од 2013 година, а од 1 јануари 2023 година е членка на Шенген и на еврозоната.
– Со многу тешкотии, Хрватска имаше и неколку предности – изјави на оваа тема Весна Пусиќ, поранешна хрватска министерка за надворешни и европски работи.
Според нејзиното мислење, тајмингот бил клучен.
– Нашиот проект ЕУ и НАТО го започнавме во 2001 година, со ратификацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, во време кога сè уште имаше ентузијазам за проширување и во ЕУ и во земјите од Источна Европа; во 2004 година изградивме политички консензус во политичката елита – на сите релевантни политички партии – за влез во ЕУ и со заеднички напори успеавме да го зачуваме тој консензус до влезот на 1 јули 2013 година; НАТО отсекогаш бил третиран од јавноста и меѓу политичарите како составен дел од интеграцијата во ЕУ. Во целиот тој период имаше истакнати политичари во пет-шест релевантни парламентарни политички партии, кои, и покрај многуте разлики и несогласувања, беа за Хрватска во ЕУ и активно работеа и соработуваа на тоа; силното граѓанско општество и особено исклучителни поединци, односно јавни интелектуалци, исто така, го поддржаа проектот на ЕУ, што секако придонесе за неговиот успех – објаснува Пусиќ.
Хрватска имаше можност да направи повеќе за својот одржлив развој
Некои истакнати интелектуалци, како историчарот Иво Голдштајн, велат дека Хрватска можела да направи повеќе за својот раст и развој. Во едно до неговите последни интервјуа тој рече дека земјата доживеала пад на почитта кон индексот на либералната демократија.
– Во некои аспекти се приближуваме до нелибералната демократија. Додуша, тоа не се такви падови како што мереа европските агенции во случајот со Унгарија и Полска, но падот во Хрватска е недвосмислено значаен – вели Голдстајн.
Во својата елаборација, Голдстајн истакнува дека го гледа повоениот период на независна Хрватска како време на големи промени, но и време на соочување со проблеми од нов карактер. Во тој контекст укажува дека иако десет години е членка на Европската Унија, Хрватска, според него, сè уште не ги прифатила вистинските европски вредности, вклучувајќи ги и либерално-демократските стандарди.
Во добар дел со него се согласува и опозицискиот политичар Бојан Главашевиќ, кој се жали дека Хрватска не постигнала повеќе. Иако според многу релевантни показатели Хрватска направи значајни чекори напред, Главашевиќ вели дека „има многу чекори што ги направила назад, особено во областа на човековите права и слободата на медиумите, што е основа на секоја демократија“.
Автор: Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска