Балканските лидери поканети во Берлин на заеднички самит во ноември
Подготвил: Mарјан Велевски
Германската државна секретарка Ана Лурман најави дека повторно се активирал Берлинскиот процес, кој, според нејзините зборови, ќе помогне во интеграцијата на Балканскиот Регион. Таа изјави дека многу наскоро Берлинскиот процес ќе биде поактивен и поефикасен и дека за тоа веќе постои план.
– Планот е да имаме самит на лидерите на регионот во Берлин во ноември. Во подготовките за тој самит ќе има и низа консултации со министрите за надворешни работи, како и со министрите за внатрешни работи на сите земји вклучени во процесот. Се надеваме дека на самитот ќе постигнеме две работи. Едната е дека ќе имаме добра дебата, а, се надевам, и напредок околу регионалниот пазар. Тоа беше големиот успех на Берлинскиот процес пред неколку години. Се постигна основен договор, кој сега вистински треба да се имплементира за да можат луѓето да имаат корист од регионален пазар. И второ, напредок околу зелената агенда. Инвестираме многу во зелената инфраструктура овде, во регионот. И трето, кое е поврзано со тоа, енергетската безбедност. Особено кога станува збор за преживување низ зимата, за солидарност едни со други, за да го надминеме заеднички овој тежок период – изјави Лурман.