Продолжуваат меѓупартиските превирања во Бугарија
И вчера, трет ден по ред, продолжија меѓусебните обвинувања на актерите на политичката сцена во Бугарија во врска со снабдувањето со гас, проблем што се наметна поради одбивањето на компанијата „Газпром“ да му одговори на бугарското министерство за енергетика дали може да почнат преговори за обновување на испораките на природен гас. Министерот за енергетика Росен Христов во понеделникот најави дека Бугарија до крајот на денот очекува одговор од „Газпром“, но засега не добила. Преодната влада на земјата очекуваше руската компанија да именува лице со кое Бугарија би можела да преговара.
Извршната директорка на државната компанија „Булгаргаз“, Деница Златева, деновиве изјави дека компанијата го исполнува договорот со „Газпром“, секој ден испраќа барања за испорака на гас, но добива потврда за нула количество за следниот ден од руска страна.
Во меѓувреме, дополнителни тензии во јавноста создава сознанието дека Бугарија во октомври ќе добие само еден од танкерите со американски течен гас договорен од поранешната влада на Кирил Петков, иако беа договорени шест.
Имавме слотови за октомври, ноември и декември, не ни е јасно зошто овие шест брода беа одбиени и покрај многу добрата цена – коментира Петков.
Тој посочи дека шесте брода со договор од неговата влада, а кои биле одбиени од актуелниот кабинет, требало да испорачуваат гас по цена од 30 долари пониска од пазарната цена.
Според Кирил Петков, новата влада треба да внимава на септември, кој, според него, е клучен месец, бидејќи аукциите за слотови за течен гас се на крајот на септември. Тој ги повика менаџерите да следат што се случува со аукциите на крајот на септември, бидејќи од тоа ќе зависат резервите не само до крајот на годината туку и во текот на следната година.
Паралелно со ова, веќе три дена траат протестите во Софија чија цел е запирање на преговорите со „Газпром“ за обнова на набавките на руски гас во Бугарија. Протестот е организиран од здружението БОЕЦ, а вчера се совпадна со почетокот на седницата на преодната влада на премиерот Галаб Донев. Демонстрантите останаа цврсто на своите барања – Владата во Софија итно да го разреши министерот за енергетика, како и да донесе одлука за прекин на какви било преговори со руската компанија „Газпром“.
Пред почетокот на владината седница, преодниот премиер Галаб Донев изјави дека нивна примарна задача е да ги решаваат проблемите на бугарските граѓани, а не на оние што ги создале.
Според Уставот, наша должност е да организираме фер и слободни избори и тоа е она што ние го правиме – изјави Донев и додаде дека постојат фактори поради кои преодната влада на Бугарија била перципирана како противник во изборната кампања во земјата.
Граѓанското здружение БОЕЦ претходно ги повика граѓаните пред фонтаната на претседателската администрација во знак на протест да побараат јасни одговори за рускиот гас. Лидерот на здружението, Георги Георгиев, изјави дека „Газпром“ не ги почитува деловните закони и затоа преговорите нема да бидат успешни за Бугарија.
Пред присутните се огласи и Љубо Венков, исто така член на здружението, кој го дефинира одбивањето на договорената испорака на танкери со течен гас како обид на преодната влада да создаде руска зависност во земјата.