„Франс прес“ со пластичен приказ за белата чума во Бугарија
Во репортажата, градот Габрово, сместен во подножјето на планината Балкан, е прикажан како симбол на намалувањето на населението во најсиромашната членка на Европската Унија. Некогаш познат како бугарски Манчестер поради силната индустрија, градот од 1985 година остана без половина жители. Тоа е добро позната приказна во целата земја
Подготвил: Марјан Велевски
Празни ходници и само осум новороденчиња во креветчињата. Одделот за гинекологија во болницата во бугарскиот град Габрово зборува сѐ што треба да знаете за драстичниот пад на наталитетот во Бугарија. Вака ја започнува својата репортажа француската агенција АФП.
– Овде не останаа многу луѓе во репродуктивна возраст. Младите отидоа по работа во големите градови и во странство – вели педијатарката Бистра Камбурова (68).
Во репортажата, градот Габрово, сместен во подножјето на планината Балкан, е прикажан како симбол на намалувањето на населението во најсиромашната членка на Европската Унија.
Некогаш познат како бугарски Манчестер поради силната индустрија, градот од 1985 година остана без половина жители. Тоа е добро позната приказна во целата земја. Корупцијата, бесперспективноста и спиралата на политички кризи, поради што в недела се одржуваат четвртите општи избори во 18 месеци, ги избркаа разочараните млади. Аналитичарите потврдуваат дека изборите повторно ќе резултираат со фрагментиран парламент во кој ни една партија нема да може да формира силна коалиција.
Бугарија спаѓа меѓу земјите во светот со најбрза депопулација. Сега има 6,52 милиони жители во однос на речиси деветте милиони во 1989 година. А четвртина од жителите се постари од 65 години.
Индустриите во Габрово, за време на комунизмот, вработуваа илјадници работници, пред фабриките да се запустат поради стечај или приватизација. Сега регионот е со најнизок наталитет и најмногу ненаселени села во земјата.
– Почнав да работам овде во 1985 година. Во тоа време бројот на родени деца беше мошне висок – околу 1.000 на година. А фабриките работеа, работеа, работеа – вели докторката Камбурова, чии двајца возрасни синови се меѓу оние што заминале од Габрово.
Минатата година на подрачјето на Габрово се родија само 263 деца за кои се грижела оваа енергична педијатарка, која и понатаму работи, иако ја пречекорила работната возраст и веќе треба да биде во пензија. Работата ја работи за „бедна плата“.
– Објаснувањето е едноставно – нема работа, нема млади луѓе, нема деца – вели Маријана Врбанова.
Многу од оние што останаа со задоволство би заминале.
– Во Габрово уживате во мир и свеж воздух, но тоа е пустина во која можете да сретнете само стари луѓе – вели 23-годишната Христијана Крстева, логопетка што неодамна роди девојче.
Нејзиниот сопруг работи како столар, се подготвува да замине за Британија во потрага по подобра иднина за своето семејство.
Стоејќи пред првото јавно училиште во Бугарија, основано во Габрово во 1835 година, средношколецот Иво Димитров сака да замине во Западна Европа за да стекне „квалитетно образование и нови хоризонти“.
– Овде е хаос – вели тој, критикувајќи ја немарноста на политичките класи.
Покрај помошта од Брисел од влезот на Бугарија во ЕУ во 2007 година, за да му се помогне во развојни проекти, транспорт и туризам, на Габрово му требаат сѐ помалку работници.
– Ќе треба време да се сврти тој демографски тренд – вели аналитичарот Адријан Николов од Институтот за пазарна економија од Софија.
Само 35 луѓе живеат во пикторескното село Зај од 17 век, на 25 километри оддалечено од Габрово. Освен месно население, во него се населени пензионери од Франција, Британија, Белгија, Русија, Италија и други земји, привлечени од евтиниот живот. Нема собиралишта, а селската продавница затворила пред повеќе години, затоа што нема купувачи.
– Одлучивме заедно да одиме да купуваме. Се снаоѓаме некако – вели Марин Крстев, пензиониран електричар, чија ќерка неодамна заминала во Германија.
Еднаш неделно, овој 77-годишник вози уште три пензионерки од селото до најблиската продавница. За да воведат малку радост во својот живот, постарите се приклучни на општинската програма за време на летото под наслов „Внуци под наем“, во рамките на која млади доаѓаат во Зај за да се запознаат со животот на село.
– Се веселат на зајчињата, како и на домашните домати и пиперки – вели со насмевка претседателката на селскиот културен центар, Бојана Бонева (75).