Францускиот претседател Емануел Макрон се соочи со тешка задача да ги убеди земјите од ЕУ да преземат огромни обврски за промени, вклучувајќи и сериозни внатрешни реформи што ќе бидат потребни за прием на нови членки
Самитот на педесетина европски лидери во Гранада заврши без каква било одлука, а не бил постигнат ни значителен напредок ни за главните теми, како што се проширувањето на ЕУ, миграциската криза и надминувањето на судирите на вратата на Европа, а домаќинот Шпанија ја откажа конференцијата за новинари во последен момент. Надежта дека ќе се реши хуманитарната криза во Нагорно Карабах се урна со отсуството на претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Исто така, пропаднаа и обидите да се намалат тензиите меѓу Србија и Косово, затоа што косовската претседателка Вјоса Османи одби да разговара со српскиот колега Александар Вучиќ сѐ додека не се воведат санкции за Белград, поради неодамнешниот оружениот судир на северот на Косово, пишува „Политико“.
Францускиот претседател Емануел Макрон се соочуваа со тешка задача да ги убеди земјите од ЕУ да преземат огромни промени, вклучувајќи ги и болните внатрешни реформи што ќе бидат потребни за прием на нови членки, вклучувајќи ја и Украина. „Политико“ ја пренесува изјавата на неименуван советник од Елисеј, кој признал дека постојат „ограничени очекувања за временската рамка за проширувањето“.
– Многу работи треба да се решат. Францускиот претседател тврди дека проширувањето треба да се направи што е можно побрзо. Но не сум сигурен дека одредувањето датум е најлегитимното прашање. Процесот на проширувањето треба да се направи покредибилен, со реформи во земјите-кандидати и во ЕУ – рече тој.
Тоа е знак за опсегот на проблемите, па дури и блиските сојузници како Франција и Германија не можат да се договорат за временската рамка за реформи и проширување. Во моментов нема брз пат за пристапување, кој може да трае повеќе од една деценија со оглед на строгите критериуми за членство. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, предложи ЕУ да биде подготвена за проширување до 2030 година – но има недостиг од консензус околу тој датум, се нагласува во текстот на „Политико“.
Медиумите пренесоа и многу изјави на европски дипломати и политичари, кои изразија резервираност во однос на брзото проширување на ЕУ.
– Земјите-кандидатки мора, врз основа на пристап заснован на заслуги, да ги измерат и да ги почитуваат сите критериуми пред да се отворат преговорите – рече ирскиот министер за надворешни работи Питер Бурк, повторувајќи ги изјавите на Европската комисија.
Холандија го повтори своето противење на брзото проширување на Европската Унија.
– Не е прашање кога земјите ќе бидат подготвени, прашањето е дали земјите се подготвени – рече холандскиот премиер Марк Руте, осврнувајќи се на неодамнешните наводи дека земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија се поддржани од некои земји-членки на ЕУ во нивното барање за членство до 2030 година.
Проширувањето на ЕУ не би требало да има фиксни рокови, но европските институции мораат да се реформираат, за да можат да ги прифатат новите членови, особено кога се работи за начинот на донесување одлуки. Земјите-кандидати мораат да ги забрзаат процесите на реформи, особено во поглед на владеењено на правото, е ставот на португалската влада, пренесува „Еуроактив“.
Во меѓувреме, „Фајненшел тајмс“ објави дека ЕУ во изминатиот период работела на студија за да дознае колку Брисел ќе го чини проширувањето на Унијата до 2030-та со девет нови членки. Процената е околу 256 милијарди евра. Покрај земјите од Западен Балкан, ставени се и Украина, Молдавија и Грузија, а само за Украина би требало да се одвојат дури 183 милијарди.
Британски „Гардијан“ објави дека миграцијата се заканува повторно да го засени самитот на лидери на ЕУ, откако унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја била „правно силувана“ од другите земји-членки на ЕУ. Орбан го оспори постигнатиот договор за Законот за миграција и го доведе во прашање неговиот легитимитет, инсистирајќи дека одлуката мора да биде донесена едногласно.
Подготвил: Митко Јовановски