Во јануари, бугарскиот претседател Румен Радев и неговиот романски колега Клаус Јоханис, оставени надвор од шенген-зоната, разочарани и депримирани, се завртија кон можностите за меѓусебна билатерална соработка во однос на трговијата, туризмот, транспортот, енергијата и економијата… Можеби Софија ќе се свести дека ако продолжи со водење „политики на сила и мускули“ за да им ги наметнува своите хегемонистички амбиции на сите соседи ќе станува полека изолирана и дека напротив, само со практикување политики на „уважување, демократија, толерантност и соработка“ таа ќе ја пронајде формулата не само за нејзиниот просперитет туку и за развој на регионот
Оставени надвор од шенген, Бугарија и Романија се обидуваат да ја прошират соработката преку Дунав
Реката Дунав е движечка сила за трговскиот и економски развој во Централна и Југоисточна Европа уште од антиката. На нејзините брегови се основани големи градови како Будимпешта и Белград. Нејзиното значење во однос на економијата и културата не може да се потцени. Сепак, реката во последните месеци се бранува од многу различни причини. Конечно, залудната заедничка понуда на Бугарија и Романија да се приклучат кон шенген во 2022 година предизвика дебата за состојбата на нивната заедничка граница – регион што и двете земји го запоставија во поновата историја.
Со исклучок на Добруџа на исток, Дунав го опфаќа најголемиот дел од границата меѓу двете земји. Има само два моста меѓу двете членки на ЕУ – Мостот на пријателството што ги поврзува Русе и Џурџиу и мостот Нова Европа што ги поврзува Видин и Калафат. Додека двете земји гледаат на безбедноста на границите за да ги зајакнат своите шанси за влез во шенген, недостигот од инфраструктура се појавува како клучна пречка.
Дунав е клучен за економската соработка меѓу двете земји, но системското недоволно инвестирање во регионот го направи своето. За да се поправи ова, Софија и Букурешт разгледуваат огромни инфраструктурни проекти, вклучувајќи нови мостови и хидроцентрали.
Стоп за препирките што датираат од минатиот век и повеќе, време е за политики на уважување и соработка
Дунав е витална артерија за трговија во Централна Европа. Австроунгарската Империја го искористи за да ги поврзе своите огромни територии. Долниот Дунав што ги дели Бугарија и Романија е сосема поинаква приказна. Неговата огромна ширина – која достигнува и до 1.700 метри – го издефинира своевремено како природна граница меѓу Османлиите и романските кнежевства.
Откако и двете земји стекнаа независност, немаше многу инфраструктура како основа за изградба на модерни држави. Социјалистичките влади што ја презедоа власта набрзо потоа продолжија со изолационистичкиот тренд и железната завеса стана пречка за користење на реката како врска со економиите на Централна Европа.
Затоа и не е изненадување што регионите околу Дунав се меѓу најмалку развиените во двете земји. Според Националниот статистички институт, северна Бугарија произведува само 25 отсто од БДП на земјата, сочинува 35 отсто од вкупното население, а притоа опфаќа приближно половина од територијата на земјата.
Бугарскиот економист Адријан Николов истакнува дека северна Бугарија не е само ограничена со нејзината географија, туку уште поважен е недостигот од клучна инфраструктура, наведувајќи го „развојот на патната мрежа, особено врските меѓу економските центри“.
Слична ситуација може да се забележи преку границата во Романија. Јужниот регион Олтенија со години е еден од најмалку развиените во ЕУ, а амбициозните граѓани често се преселуваат во Букурешт. Истата приказна е и во бугарскиот Северозападен, најсиромашниот регион во ЕУ.
Постојат дополнителни географски пречки што треба да се надминат. Делтата на Дунав, која се наоѓа претежно во Романија, не е погодна за сообраќај поради нејзиниот мочурлив терен, лошите комуникациски врски и недостигот од железнички линии. Поради оваа причина, каналот Дунав – Црно Море бил изграден за време на ерата на Николае Чаушеску, поврзувајќи ја реката со главните пристаништа Чернавода и Констанца.
За да можат пристаништата на Дунав да се поврзат со внатрешноста на двете земји, треба да се изградат патишта и железница низ планинските масиви на Балканот и Карпатите, многу скап потфат, што засега и двете земји само го истражуваат како евентуална можност за реализација.
Градење мостови, рушење ѕидови
Со цел да се олесни трговијата, Софија и Букурешт започнаа студии за оправданост во јуни 2022 година за изградба на пет нови моста. Бугарските власти одвоија 7,7 милиони евра за длабење на реката, но напредокот ќе биде бавен.
Понатаму, во јануари 2023 година беа објавени две заеднички хидроцентрали, по моделот на успешните централи „Железни порти“, кои Романија веќе ги работи заедно со Србија. Бугарскиот министер за енергетика Росен Христов потврди дека централите се дел од стратегијата на Бугарија за енергетскиот сектор до 2053 година и ќе ги гради романската државна компанија „Хидроелектрика“.
Со цел да се надмине географската бариера на балканскиот планински венец што го дели Дунав од индустрискиот југ на Бугарија, исто така се работи на три тунели.
Овие проекти се дел од стратегијата што реализира инвестиции во регионот повеќе од една деценија. Клучен двигател за ова е Стратегијата на ЕУ за Дунавскиот Регион (ЕУСДР), која ја промовира регионалната соработка од 2010 година.
Кристина Цук од канцеларијата на ЕУСДР во Букурешт, за медиумите даде изјава во која објаснува дел од стратегијата.
– Како соседни земји, Романија и Бугарија имаат долгогодишна соработка и ги фокусираат своите напори на искористување на сите можности што ги даваат регионалните формати за соработка (како што е ЕУСДР), како и механизми за финансирање обезбедени од ЕУ со цел да се зголеми просперитетот и да се постигне одржлив развој. Препознавајќи ја економската важност на реката Дунав, Романија и Бугарија во последните неколку години ја зајакнаа својата соработка. Тие се фокусираа на заеднички инвестиции за подобрување на поврзаноста и развој на туризмот, производството на енергија, заштитата на животната средина – сето тоа придонесува за економскиот развој на двете земји и за подобрување на квалитетот на животот на локалното население – објаснува таа.
Со или без река, како трговско-транспортна артерија, случајот
треба да биде развиен како матрица за понатаму
Понатамошната европска интеграција е клучна за зголемување на прекуграничната соработка. Тесните гранични премини на Дунав значат дека времето на чекање на граничните контролни пунктови може да достигне и до 40 часа, со што се зголемуваат трошоците за увоз и извоз на стоки.
Романскиот министер за економија Флорин Спатару набргу по австриското вето во декември тврдеше дека излегувањето од шенген ја чини романската економија 10 милијарди евра годишно.
Бугарските извозници, пак, губат 100 милиони евра поради времето на чекање на границата, тврди Јордан Арабаџиев, извршен директор на Унијата на меѓународни транспортери.
Шенген е природно решение за овие проблеми и тоа претставува силна причина за амбициите на Софија и на Букурешт да се приклучат што е можно поскоро. Додека преговорите продолжуваат, јасната посветеност на соработката само ќе ја зајакне позицијата на двете земји.
Зголемената соработка е долгорочна цел и за Бугарија и за Романија, која се работи со децении. Како што двете земји ги продлабочуваат своите прекугранични врски, реката Дунав има потенцијал да стане извор на просперитет за историски запоставениот регион.
Подготвил: Mарјан Велевски