Фото: Игор Бансколиев

Сегашното ниво на БДП на Македонија и стапките на раст што ги остваруваме на годишно ниво се мошне загрижувачки и, за жал, ќе бидат потребни децении, а можеби и многу, многу повеќе од тоа, за да се приближиме до економското ниво на развој што сега го имаат земјите од Европската Унија

Може ли Македонија да го следи или да го надмине темпото на економските развојни стапки на ЕУ и колку на тој план сме оддалечени од Унијата

Не треба да нѐ радува што ЕУ, а особено нашите најголеми трговски партнери, како Германија, забавија со својот економски раст и се на работ, ако не и влезени во рецесија. Затоа што токму тие земји на ЕУ директно го стимулираат нашиот економски раст, и тоа по различни и повеќе основи. Некои сметаат дека доколку стапките на раст на европските земји се помали, дотолку побрзо Македонија, со воведување соодветни реформски економски политики и висока стапка на раст, би ги стигнала европските земји побрзо и нема да ни требаат стотици години за БДП по жител да се изедначи со она БДП на земјите на Унијата. Но, напротив, на прв поглед, едноставната равенка содржи во себе многу непознати. Затоа, во основа на сѐ, неопходно е да тргнеме од себе и да почнеме да остваруваме политики што би резултирале со барем приближно двоцифрена стапка на економски раст, а наедно да „навиваме“ и нашите трговски партнери да не влезат во рецесија и динамично да се развиваат, вшмукувајќи ги сите наши производи и услуги што сакаме да ги пласираме на надворешниот пазар.

Каква е нашата „почетна“ позиција во годината кога се очекува и официјален почеток на преговорите за зачленување во ЕУ

Германија забележа негативен раст од 0,4 отсто во четвртиот квартал од 2022 година во споредба со претходниот квартал, а целата економија на ЕУ е на работ на рецесија. Намалувањето на активноста на германската економија, која е локомотивата на растот на ЕУ, е уште една лоша вест и за Македонија. Високото ниво на инфлација и тековната енергетска криза имаа негативно влијание врз германската економија и, најверојатно, тоа ќе се одрази и на растот на македонската економија, кој во третиот квартал од минатата година оствари раст од два отсто.
Споредбите за економските остварувања со ЕУ се значајни, поради тоа што главната политичка, но и економска цел на нашата земја е полноправно пристапување во оваа заедница и на нејзиниот единствен европски пазар. Оттука, потребно е да се види каква е нашата „почетна“ позиција во годината кога се очекува и официјален почеток на преговорите за зачленување во Унијата. Сегашното ниво на БДП на Македонија и стапките на раст што ги остваруваме на годишно нив се мошне загрижувачки и ќе бидат потребни децении, можеби и столетие за да се приближиме до економското ниво на развој што сега го имаат земјите од ЕУ.
Споредбата меѓу Македонија и ЕУ, од нашето осамостојување, не покажува значајно намалување на разликата во нивото на БДП по жител. Имено, нашата земја во 1991 година, според податоците на Светската банка, имала 2.425 долари БДП по жител, додека Европската Унија имала 15.971 долар БДП по жител. Триесет години подоцна, македонскиот граѓанин заостанува за пет и пол пати од жителите на ЕУ. Во 2021 година БДП по жител во ЕУ изнесува 38.411 долари, во споредба со Македонија, која има 6.895 долари. По три децении, нашиот БДП растел со 149 долари годишно, а на ЕУ со 748 долари!
Во тој контекст, еве една едноставна сликовита калкулација, заради илустрација на наведеното. Имено, ако нашиот БДП по жител сега изнесува 6.895 долари, а нашата стапка на развој е 2 отсто, тогаш за да го стигнеме нивото на БДП на ЕУ од 38.411, тогаш нас ни треба временски период од 87 (осумдесет и седум години) за да дојдеме до нивото на ЕУ, при што Унијата за сиот тој период треба да има „статичен економски раст, односно – нула стапка“!
Секако е невозможно за сите тие години (речиси девет децении) ЕУ да нема раст, или да стагнира, па затоа ја направивме како хипотеза и втората калкулација каде што стапката на раст и во Македонија и во ЕУ би била 2 отсто. Така, доколку земеме една (нивна, за ЕУ минимална) стапка на развој од 2 отсто, во моментот кога ние би го достигнала сегашното нивно БДП по жител во висина од 38.411 долари, тогаш нивното ќе биде 215.300 долари. Тоа, пак, неминовно значи дека повторно за временски период од близу девет децении, ЕУ би имала пак околу 5, 5 пати поголемо од нашето БДП по жител!
А да не правиме калкулација доколку ЕУ би имала повисоки стапки на раст (што е реално на пр. 3,4 или 5 отсто раст), тогаш разликата меѓу нас и нив само би растела и ние ниту практично, ниту теоретски нема да може да ги достигнеме…
Затоа, со соодветни наши длабоки, сериозни сосредоточени реформи во економските политики и со висока, па дури и двоцифрена стапка на раст (на пример 10 отсто), при што ЕУ би имала 2 отсто раст, е реално ние за осум децении да се изедначиме со БДП на ЕУ…

Евростат прави и споредба врз основа на реалната
индивидуална потрошувачка за 2021 година

За тоа колкава е разликата во економскиот развој на Македонија и Европската Унија покажуваат и податоците за односот на реалната индивидуална потрошувачка за 2021 година, што редовно ги објавува Евростат. Иако нивото на економскиот развој на некои земји најчесто се изразува со БДП, реалната индивидуална потрошувачка како т.н. неутрален индикатор е корисна алатка за споредување на релативната благосостојба на потрошувачите во одделни земји. Имено, реалната лична потрошувачка ги опфаќа сите производи и услуги што ги купува едно домаќинство, но и услугите што ги нудат непрофитните институции или државата, како што се образованието и здравството. Во нашата земја личната потрошувачка е 51 отсто од просекот на ЕУ. Со овој индикатор може да се отслика и разликата меѓу Македонија и другите земји од регионот. Така, во Србија индивидуалната потрошувачка изнесувала 53 отсто од просекот на ЕУ, а бруто-домашниот производ бил 44 отсто од просекот на земјите-членки на Унијата. Меѓу земјите-кандидати, најголема реална индивидуална потрошувачка има Турција со 69 отсто од просекот на ЕУ. Во Црна Гора таа изнесува 60 отсто, во Албанија 39 отсто и во Босна и Херцеговина 41 отсто од просекот на ЕУ. БДП по жител во Црна Гора порасна од 45 отсто во 2020 на 48 отсто во 2021 година.
Како споредба во ЕУ, од членките на Унијата на дното е Бугарија со 65 отсто просечна индивидуална потрошувачка и 57 отсто од просечниот БДП во ЕУ. Хрватска има 52 отсто просечна потрошувачка и 70 отсто просечен БДП. Словенија во 2021 г. имала 90 отсто од просечната европска потрошувачка, и е во групата со Шпанија и Чешка, за еден процентен поен подобра од Романија, Полска и Португалија. Најголема реална индивидуална потрошувачка имал Луксембург – 144 отсто од европскиот просек. М.Ј.


Се сеќаваме ли на проектираните оптимистички и песимистички
сценарија за економски развој на Република Македонија во 1997 година

При пишувањето на првата Национална стратегија за економски развој на Република Македонија во 1997 година, која беше изработена од МАНУ, беа посочени идните проекции за растот на вкупната национална економија, во кои како главни фактори на развојот беа наведени: квалификуваната работна сила, природните ресурси, постојната инфраструктура и значајното ниво на индустријализација. Како ограничувачки фактори беа наведени: ниското ниво на економски развој, малата економија, ниското ниво на домашни заштеди, општата технолошка заостанатост, високата зависност од увоз на капитал, нафта и гас и високото ниво на невработеност. Во оптималното сценарио до 2002 година се предвидуваше раст од 5,1 отсто, што ќе нѐ доведеше до ниво на средно развиена земја! Како песимистичко сценарио се сметаше економски раст од 4,2 отсто, кое, според економските предвидувања, немаше значително да ја промени постојната позиција на македонската економија. Оптимистичкото сценарио претпоставува(ше) просечен раст од шест отсто. Ова би ѝ овозможило на Македонија да направи добар почеток на патот на долгорочно приближување кон развиените европски економии!
Проекциите што беа направени од економистите, при носењето на Националната стратегија за економски развој во 1997 година, беа дека на Македонија ќе ѝ бидат потребни 60 години за да го стигне нивото на развој на Германија. Но наспроти овие долгорочни и оптимистички прогнози, реалноста во македонската економија беше многу неповолна. Податоците објавени од Народната банка на Македонија покажуваат големи осцилации на економскиот раст, кои од сегашна гледна точка не ни овозможуваат брз економски развој. Највисокиот раст од 6,3 и од 5,5 отсто е постигнат во 2007 и 2008 година и никогаш не е повторен. Просечната годишна стапка на раст на националната економија во периодот од 2000 до 2019 година е околу 2,8 отсто. Тоа го одразува сегашниот економски потенцијал за развој на Македонија, што е мошне низок.
За полесно да се определи темпото на развојот на нашата економија може да се примени и „правилото 72“. Кога бројот 72 ќе го поделиме со последниот податок за растот на БДП во третиот квартал од два отсто во 2022 година се добива 36. Односно, толку години ќе ни бидат потребни за да го дуплираме сегашниот бруто-домашен производ! И врз основа на ова правило, заклучокот е дека ќе ни требаат повеќе, многу повеќе децении за да го стигнеме нивото на развој на Европската Унија.