Хрватска

Хрватска ја тресе нов финансиски скандал по откритието дека вработени во Хрватската народна банка (ЦНБ), која ја надгледува работата на компаниите од финансискиот сектор, тргувале со хартии од вредност на банките. Како што е соопштено, повеќе од 40 вработени во ЦНБ тргувале со банкарски хартии од вредност во последните 20 години, а притоа се евидентирани вкупно над 400 трансакции вредни повеќе од десет милиони куни, односно околу 1,3 милион евра.
Повикувајќи се на увидот во документацијата за историјата на трансакциите на Централното друштво за клириншки и депозити (ЦДЦЦ), хрватскиот портал „Индекс“ тврди дека меѓу оние што тргувале со банкарски хартии од вредност во последните 20 години се актуелниот гувернер на ЦНБ, Борис Вујчиќ, неговиот заменик Сандра Сваљек, поранешни вицегувернери, сегашни и поранешни директори во ЦНБ и други вработени во централната банка.
– Ова е најголемиот скандал во банкарскиот систем досега, а се чини дека странските регулатори како Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската банкарска управа (ЕБА) ќе го имаат последниот збор, бидејќи сè укажува на фактот дека ова е кривично дело, односно злоупотреба на привилегирани информации, нешто што ЕЦБ строго го забранува – се вели во текстот.
По откривањето на аферата, деновиве се огласија некои од хрватските политичари и функционери. Лидерот на СДП, Пеѓа Грбин, на својот фејсбук-профил напиша дека „оваа ситуација е многу дискутабилна“.
– Решавањето и санкционирањето на одговорните е минимумот што го очекуваме – напиша Грбин.

Подготви: Дејан Србиновски