Хрватска – една деценија членство во ЕУ
Ангел Митревски,
Специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска
Кај многумина во Хрватска сѐ уште се свежи сеќавањата за настаните што во голема мерка ја одбележаа новата историја на Хрватска. Во април 2011 година, тогашниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, го посети Загреб и испрати порака дека критериумите не се исполнети и дека Хрватска нема да влезе во ЕУ, туку ќе помине уште малку време во чекалницата покрај Србија. Хрватската влада, на чело со Јадранка Косор, сериозно ја сфати оваа порака и реформите беа забрзани.
Како резултат на тоа, на 1 јули 2013 година Хрватска стана 28-та земја-членка на Европската Унија.
Десет години подоцна другите бившојугословенски држави, минус Словенија, од хрватска перспектива, некако изгледаат подалеку од постигнување на таа цел од кога било досега.
Во деновите кога се одбележуваат 10 години од тие настани, се навраќаат спомените дека и преговорите на Хрватска не беа ниту брзи ниту лесни. Како и другите земји од поранешна Југославија, пречките за официјален Загреб ги вклучуваа соработката со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, територијалните прашања со соседите и владеењето на правото. Дополнително, слично како и денес, земјите-членки што се скептични за проширувањата, како што се Холандија и Франција, поставија предизвици. Сепак, подготвеноста на земјите-членки на ЕУ за проширување беше нешто поголема отколку што е денес, па не е погрешно да се заклучи дека Хрватска го фати последниот воз за влез во Европската Унија, по копенхашките вистински и принципиелни европски критериуми.
Хрватска ги започна преговорите во 2005 година, а последните поглавја беа затворени на 30 јуни 2011 година. Во деценијата на членство, Хрватска ги постигна сите свои цели за европска интеграција, а од 1 јануари 2023 година стана членка и на шенген-зоната и на еврозоната. Во првата половина на 2020 година, Хрватска претседаваше и со Европската Унија за време на предизвикувачката криза предизвикана од пандемијата на ковид-19.
Вреди да се спомне дека пред влезот во ЕУ, Хрватска доживеа рецесија, која траеше повеќе од шест години. Падот на реалното БДП од 2009 до 2014 година изнесуваше 12,6 отсто. Само две години по пристапувањето во Унијата, БДП почна да расте до 2020 година, кога падна за 8,6 отсто поради пандемијата. Сепак, како членка на Европската Унија, помошта од Брисел придонесе за брзо закрепнување, при што растот достигна дури 13,1 отсто во 2021 година.
На пример, во 2013 година Хрватска имаше БДП по жител од 61 отсто од европскиот просек, додека минатата година достигна 73 отсто од европскиот просек. Во годината на пристапување во ЕУ, Хрватите имаа БДП по жител нешто од десет илјади евра, додека во 2022 година тој надмина седумнаесет илјади евра. Така, во однос на БДП по жител, Хрватска ги надминува Словачка и Грција.
И на Хрватите им оди добро во однос на стапката на невработеност. Во мај годинава таа беше под 5,6 отсто. Сепак, не може да се пренебрегне фактот дека постојат и низа непринципиелности на ЕУ кон Хрватска што се случуваа во текот на изминативе десет години, при што Хрватска во повеќето случаи беше принудена да ги ревидира своите ставови и да ги приспособи кон она што ќе го постави Брисел, односно посилните и постари членки на ЕУ.
Во тој контекст, за издвојување се изјавите на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој на одбележувањето на десетгодишнината изјави: „Време да е повлечеме линија“, надоврзувајќи се на својата претходна остра забелешка од оваа година (19.1.2023 година) за односот на Унијата кон Хрватска, имено дека „ЕУ нѐ третира како последни губитници“…